Клучните одлуки за младите не се носат јавно. Не се носат на сцени, конференции и панел-дискусии, туку зад затворени врати, во канцеларии, преку табели, буџети и рокови. Таму се одлучува што е приоритет, што е возможно и што никогаш нема да дојде на маса. И токму таму, каде што се креира рамката во која подоцна ќе се „вклучат“ младите, тие речиси никогаш не се присутни. Младите најчесто се појавуваат дури откако сè е веќе решено. Кога концептот е дефиниран, форматот усогласен со донаторските услови, а средствата распределени. Во тој момент, од нив се бара да учествуваат, да се прилагодат и да извлечат максимум од она што им е понудено. Учеството почнува откако моќта веќе е искористена. Сè друго е импровизација во однапред зададени граници. Ова не е случајност, туку воспоставен модел. Модел во кој одлуките ги носат луѓе што не мора да живеат со последиците од тие одлуки. За нив, програмата е проект со рокови, индикатори и извештај на крајот. За младите, таа е можност што може да значи напредок, но може и да значи уште една изгубена година. Таа асиметрија ретко се признава, а уште поретко се зема предвид при дизајнот. Кога младите не се дел од процесот на одлучување, програмите почнуваат од претпоставки. Претпоставки за тоа што значи поддршка, колку време е доволно, какви знаења се релевантни и каков ризик е прифатлив. Овие претпоставки најчесто ги прават луѓе кои одамна не стартуваат од нула, не зависат од една идеја за егзистенција и не ја чувствуваат тежината на неуспехот на ист начин. Резултатот се програми што звучат логично на хартија, но се судираат со реалноста уште во првите месеци. Во јавниот дискурс често се зборува за вклучување на младите, но ретко се зборува за влијание. Присуството се меша со моќта, а консултацијата со одлучувањето. Младите можат да дадат мислење, но не и да го променат правецот. Можат да зборуваат, но не и да поставуваат правила. Можат да бидат слушнати, но не и да бидат земени сериозно кога тоа што го кажуваат не се вклопува во веќе подготвената рамка. Во таков контекст, учеството станува контролирано. Дозволено е онолку колку што не го нарушува системот. Онолку колку што не ја доведува во прашање распределбата на моќта. Онолку колку што може да се спакува во извештај и да се прикаже како успех. Сè надвор од тоа се доживува како проблем, не како можност за промена. Вистинското вклучување на младите би значело многу повеќе од тоа. Би значело да се отвори процесот уште на почеток, кога ништо не е заковано. Би значело да се прифати дека младите можеби нема да се согласат со постоечките модели. Би значело да се слушнат критики што не се пријатни и идеи што не се безбедни. Би значело да се признае дека знаењето не е монопол на оние што со години се дел од системот. Токму затоа, тоа ретко се случува. Затоа што вистинското учество носи неизвесност. Носи губење на контролата. Носи ризик дека некој ќе го постави прашањето што сите други го заобиколуваат. А системите што функционираат преку проекти, рокови и проверени формули не се склони кон таков ризик. Најголемата иронија е што сите овие програми постојано се правдаат со иднината. Со иднината на младите, со нивниот потенцијал, со нивната улога во општеството. Но иднината не може да се планира без оние што треба да живеат во неа. Не може да се моделира од дистанца, ниту да се сведе на проектна логика. И не може да се гради врз претпоставката дека некој друг знае подобро што им треба на младите од самите нив. Додека младите се повикуваат дури откако одлуките се веќе донесени, суштинска промена нема да има. Ќе се менуваат имињата на програмите, ќе се редизајнираат визуелните идентитети и ќе се пишуваат нови стратегии. Ќе се повторуваат истите зборови за иновации, претприемништво и иднина. Но основното прашање ќе остане нерешено. Каде се младите кога се дизајнираат програмите? Сè додека одговорот на тоа прашање е непријатен, сè друго е само добро спакувана форма без суштина. Николова К. Post navigation Аларм од енергетскиот сектор: складиштата се празнат, зимата допрва трае Трамп ја заострува економската офанзива: казнени царини за соработниците на Иран