Раководството на Warner Bros. Discovery повторно испрати јасна порака до инвеститорите: непријателската понуда од Paramount Skydance нема нивна поддршка. Одборот на директори во средата едногласно оцени дека предлогот не ја одразува реалната вредност на компанијата и не нуди доволна сигурност во споредба со алтернативите што веќе се на маса. Во фокусот на аргументацијата на менаџментот е договорот со Netflix, кој предвидува преземање на студиските и стриминг операции на WBD за 72 милијарди долари. Според раководството, станува збор за јасно дефинирана трансакција со предвидлив тек и вградени заштитни механизми за акционерите во случај на неочекувани пречки. „Ова не е само прашање на цена, туку на сигурност и изводливост“, изјави претседателот на компанијата Самуел Ди Пијаца, нагласувајќи дека договорот со Netflix обезбедува стабилен пат кон завршување и минимизира ризици за сопствениците на акции. По објавувањето на овој договор, Paramount Skydance започна агресивна стратегија, заобиколувајќи го менаџментот и директно обраќајќи им се на акционерите со понуда од 30 долари по акција во готово, со цел да ја преземе целата групација, вклучително и традиционалните телевизиски мрежи. Иако ваквиот пристап го засили притисокот, одборот на WBD уште во стартот ја оцени понудата како недоволно привлечна. Сепак, „Парамаунт“ продолжи со обидите да ја зајакне својата позиција, а кон крајот на декември обезбеди поддршка од милијардерот Лари Елисон, што се протолкува како сигнал дека понудата има финансиска тежина зад себе. И покрај тоа, ставот на Warner Bros. Discovery останува цврст. Од компанијата порачуваат дека во услови на длабоки промени во медиумската индустрија, приоритет им е трансакција што нуди долгорочна стабилност, а не краткорочна финансиска атрактивност. Post navigation Бафет се повлекува, Волстрит го набљудува Абел: Новото поглавје на Беркшир Хатавеј Голема енергетска зделка на повидок: Западни компании мерат милијарди за имотот на „Лукоил“