Каде е најдобро да се работи во светот? Одговорот не зависи само од висината на платата. Стотици илјади вработени ги оценувале компаниите според условите за работа, можностите за напредување, рамнотежата меѓу професионалниот и приватниот живот и угледот што го има работодавецот. На глобалното рангирање на најдобрите работодавци за 2026 година, Microsoft го освои првото место, и тоа трета година по ред. Веднаш зад американскиот технолошки гигант е Delta Air Lines, која ја задржа втората позиција. Едно од најголемите изненадувања е Shopify. Платформата за електронска трговија се искачи на третото место, откако во 2025 година беше на 14-тата позиција. Голем напредок забележа и Costco, кој од 12-тото место стигна до четвртото, додека Nvidia ја заокружува првата петорка на најдобро оценети работодавци во светот. Во самиот врв се наоѓаат и други големи светски компании од технолошкиот и потрошувачкиот сектор, а меѓу првите десет е и данскиот производител Lego. Компанијата од Билунд го освои десеттото место и повторно се најде меѓу највисоко оценетите глобални работодавци. Зад рангирањето стои едно од најголемите истражувања за односот на работниците кон компаниите. Анкетирани биле повеќе од 300.000 вработени од над 50 земји, а во конкуренција можеле да влезат компании со повеќе од 1.000 вработени и меѓународно работење. На конечната листа се најдоа 900 компании со седишта во 52 земји. Истражувањето било спроведено независно од компаниите, а одговорите на работниците биле анонимни. Од нив било побарано да кажат колку е веројатно својот работодавец да го препорачаат на пријател или член на семејството. Но, оценувањето не завршувало тука. Работниците ги оценувале компаниите според платите, можностите за напредување во кариерата, рамнотежата меѓу работата и приватниот живот и угледот на работодавецот. Во предвид биле земени и други елементи поврзани со работната средина, развојот на талентите и можностите за дополнителна обука. Учесниците можеле да дадат мислење и за компаниите во кои работеле во претходните две години. Во оценувањето можеле да бидат вклучени и работодавци што ги познаваат преку сопствената индустрија или преку искуствата на пријатели и членови на семејството. За конечниот резултат не биле користени само одговорите од оваа година. Во пресметките биле вклучени и податоци од претходните три години, при што поголемо значење имале поновите оценки и мислењата на луѓето кои моментално работат во компанијата. Рангирањето доаѓа во период кога голем број работници ширум светот не се чувствуваат доволно поврзани со своето работно место. Според глобалното истражување на Gallup за 2026 година, само 20 проценти од вработените во повеќе од 140 земји велат дека се ангажирани на работа, додека 40 проценти пријавуваат значителен секојдневен стрес. Токму затоа компаниите сè повеќе се обидуваат да понудат нешто повеќе од конкурентна плата. Можностите за професионален развој, чувството дека работата има значење, добрата организациска култура и довербата меѓу раководството и вработените стануваат важни фактори за задржување на квалитетните работници. Дополнителен предизвик во 2026 година е брзото воведување на вештачката интелигенција на работните места. Новите алатки преземаат дел од едноставните и повторливи задачи, но тоа отвора и ново прашање – како компаниите ќе го искористат времето што технологијата им го ослободува на вработените. Истражување на Boston Consulting Group спроведено меѓу 12.000 работници покажало дека околу 67 проценти сметаат дека вештачката интелигенција успешно презела дел од едноставните задачи и им овозможила повеќе време за посложена работа. Сепак, околу 66 проценти од нив изјавиле дека немаат доволно јасни насоки од раководството за тоа како да го искористат добиеното време. Токму тука се гледа и пошироката разлика меѓу компаниите што само нудат работно место и оние што успеваат да изградат средина во која луѓето сакаат да останат. Платата останува важна, но работниците сè повеќе ги ценат можностите да стекнуваат нови знаења, да напредуваат и да имаат поголема автономија во својата работа. Пример за тоа е и Spotify, кој го зазема 21-вото место на глобалната листа. Компанијата го нагласува значењето на работата што вработените ја доживуваат како важна и поврзана со пошироките цели и вредности на организацијата. Листата за 2026 година на тој начин покажува дека борбата за најдобрите работници повеќе не се води само преку повисоки плати. Најголемите светски компании сè повеќе се натпреваруваат преку условите за работа, можностите за развој, флексибилноста, довербата и способноста на вработените да им понудат чувство дека нивната работа има перспектива. Microsoft годинава е на самиот врв на тоа глобално рангирање, додека подемот на Shopify и Costco покажува дека позициите можат значително да се променат за само една година. Во време кога само еден од пет работници во светот вели дека е вистински ангажиран на своето работно место, репутацијата на добар работодавец станува вредност што компаниите тешко можат да ја игнорираат. Навигација на напис Вашиот глас може да открие ризик од дијабетес: На вештачката интелигенција ѝ требаат само 20 секунди Наполнете ја кошничката без да потрошите денар: Необичен шопинг-тренд од Јужна Кореја