Кога луѓето размислуваат за преселба во друга држава, платата, цените на недвижностите и квалитетот на животот обично се меѓу првите работи што ги споредуваат. За претприемачите, инвеститорите и луѓето со приходи од повеќе земји, сепак, уште еден фактор може значително да влијае врз одлуката – даночниот систем. Ново истражување на „Global Citizen Solutions“ покажува дека големите разлики меѓу државите не се сведуваат само на висината на данокот на доход. За луѓето што се преселуваат од една во друга земја важни се и правилата за приходите остварени во странство, даноците на капитал и наследство, можните олеснувања за новите резиденти и обврските што можат да се појават при напуштање на земјата. Меѓу европските држави особено се издвојуваат Малта и Кипар. Тие се единствените европски земји што успеале да влезат меѓу десетте највисоко рангирани даночни дестинации во светот за луѓе што размислуваат за меѓународно преселување. Малта се наоѓа на шестото место во глобалното рангирање, додека Кипар е десетти. Нивната предност не произлегува само од номиналните даночни стапки. Голема улога имаат посебните правила за одредени категории нови резиденти, особено кога станува збор за приходи што се заработуваат надвор од земјата. Малта и Кипар добиле по 82 од можни 100 поени во категоријата даночно оптоварување и по 63 поени за структурата на даночниот систем. Разлика меѓу двете земји има кај можностите поврзани со инвестициската миграција. Во оваа категорија Малта добила 83 поени, а Кипар 78. Резултатите покажуваат дека една држава не мора едноставно да има најниски даноци за да стане привлечна за меѓународно мобилните луѓе, туку може да понуди специфични режими и олеснувања што ја подобруваат нивната даночна позиција. Меѓу европските земји со високи вкупни резултати се наоѓаат и Монако со 68,6 поени, Грузија со 68,3 и Бугарија со 62,8 поени. Кога се анализира исклучиво даночното оптоварување, распоредот дополнително се менува и Монако излегува на врвот во Европа со 93 поени. Веднаш зад него е Бугарија со 92 поени, а Андора има 89. Малта и Кипар во оваа категорија имаат по 82 поени. При пресметката се земаат предвид данокот на доход на физичките лица, капиталната добивка од хартии од вредност, нето-имотот и наследството, при што повисокиот резултат означува поповолна позиција според критериумите на истражувањето. Интересен е примерот на Бугарија, која добива исклучително висок резултат за даночното оптоварување, но само 29 поени за структурата на даночниот систем. Тоа ја покажува една од главните пораки на анализата – ниската даночна стапка сама по себе не е доволна за целокупниот систем да биде оценет како најповолен за луѓето што се преселуваат од странство. На спротивната страна на европската листа се наоѓа Германија. Најголемата европска економија е последна меѓу сите 48 анализирани јурисдикции, а особено слаб резултат има за структурата на даночниот систем, каде што добила 17 од можни 100 поени. Како фактори што влијаеле врз германскиот резултат се наведуваат оданочувањето на светскиот приход на даночните резиденти, данокот на наследство и таканаречениот излезен данок. Станува збор за обврски што под одредени услови можат да се појават кога лицето ја менува својата даночна резидентност. Ниско на европската листа се наоѓаат и Данска со 30,4 поени, Шпанија со 36,9, Франција со 37,7 и Норвешка со 38,4 поени. Меѓу петте најголеми европски економии најдобро е позиционирана Италија, која со 56,9 поени е деветта во Европа и 26-та во светот. Сепак, ваквото рангирање не треба да се толкува како оценка за тоа која држава има подобра економија или каде граѓаните живеат подобро. Истражувањето е насочено кон погодноста на даночните системи за луѓе што се преселуваат меѓу различни држави и сакаат законски да ги организираат своите финансии на поповолен начин. На глобално ниво највисоко се позиционирани Обединетите Арапски Емирати со резултат од околу 83 поени. Како нивни главни предности се издвојуваат отсуството на данок на доход за физички лица, данокот на потрошувачка од пет проценти и отсуството на излезен данок. Веднаш зад Емиратите се Антигва и Барбуда со 82 поени, додека Парагвај и Хонгконг имаат по 77. Бахамите со 76 поени ја заокружуваат групата од пет највисоко рангирани јурисдикции во анализата. Интересно е што Соединетите Американски Држави се наоѓаат речиси на самото дно. Со 33,5 поени тие го заземаат 46. место, а под нив се само Данска и Германија. Јапонија, исто така, е ниско позиционирана и со 36,4 поени се наоѓа на 45. место. Истражувањето дополнително покажува дека поволните даноци и високиот квалитет на живот не секогаш одат заедно. Германија, на пример, е трета според показателите за квалитет на живот што биле користени за споредбата, но последна според даночната листа. Данска е четврта според квалитетот на животот, а претпоследна според даночната оптимизација, додека Шведска е втора според првиот критериум и 32-ра според вториот. Постојат, сепак, држави што успеваат релативно добро да ги комбинираат двата аспекта. Малта, Кипар, Португалија, Швајцарија, Уругвај, Костарика и Маурициус се во горната половина на даночната листа, а истовремено се меѓу првите 50 дестинации според квалитетот на животот. Португалија, на пример, е 23-та според даночната оптимизација и 11-та според квалитетот на животот, додека Малта е шеста на даночната и 28-ма на листата за квалитет на живот. Ниту една од овие седум дестинации нема општа нулта стапка на данок на доход. Нивната привлечност во голема мера произлегува од даночни ослободувања, специјални режими или правила според кои одредени приходи од странство добиваат поинаков даночен третман. Анализата опфаќа вкупно 48 јурисдикции избрани според нивната важност за меѓународното преселување и даночното планирање, а не според големината на економијата. Даночното оптоварување и структурата на даночниот систем заедно учествуваат со 85 проценти во конечниот резултат, додека преостанатиот дел е поврзан со можностите за престој или државјанство преку инвестициски програми. Резултатите затоа покажуваат дека изборот на земја само според најниската даночна стапка може да даде погрешна слика. За луѓето што навистина размислуваат за преселба важни се потеклото на приходите, имотот, инвестициите, правилата за даночна резидентност и личните околности, а поволниот даночен систем не мора автоматски да значи и подобар квалитет на живот. Навигација на напис Грчките возачи ја минуваат границата за поевтин резервоар: Македонија меѓу главните дестинации Роботите доаѓаат меѓу нас: Што ќе се случи кога ќе влезат во македонските болници и домови?