Експлозивниот развој на вештачката интелигенција бара сè повеќе дата-центри, сервери, чипови, системи за ладење и огромна електроенергетска инфраструктура. Но зад трката за поголема компјутерска моќ се појавува проблем за кој досега се зборуваше многу помалку – што ќе се случи со целата таа опрема кога за само неколку години ќе стане застарена? Нова анализа предупредува дека до средината на векот инфраструктурата поврзана со вештачката интелигенција би можела да создаде стотици милиони тони електронски отпад. Размерите се толку големи што, според проценките, контејнерите потребни за негов транспорт, наредени еден зад друг, би можеле повеќепати да ја обиколат Земјата. Извештајот на организацијата Basel Action Network проценува дека во периодот од 2025 до 2050 година инфраструктурата за вештачка интелигенција би можела да создаде меѓу 395 и 617 милиони тони електронски отпад. Претворено во транспортни контејнери, станува збор за приближно 15 до 23 милиони контејнери. Доколку околу 20 милиони од нив се наредат еден зад друг, низата би била долга околу 244.000 километри – приближно шест пати повеќе од обемот на Земјата. Една од причините зошто новата проценка е значително повисока од претходните е начинот на кој се пресметува отпадот. Досегашните анализи најчесто се концентрирале на серверите и специјализираните графички процесори што ја извршуваат огромната количина пресметки потребни за системите за вештачка интелигенција. Но тие претставуваат само дел од опремата што е потребна за функционирање на еден современ дата-центар. Според извештајот, серверите и акцелераторите сочинуваат само околу 13 проценти од вкупната маса на опремата во ваквите објекти. Кога во пресметката ќе се вклучат електричната инфраструктура, мрежната опрема, резервните системи за напојување, ладењето и останатите компоненти, потенцијалната количина електронски отпад станува многу поголема. Проценката е дека вкупната количина може да биде дури 40 до 60 пати поголема од бројките што често се наведувале во претходните академски предвидувања. За да се разберат размерите, како пример е земен дата-центар за вештачка интелигенција со моќност од 100 мегавати. Опремата потребна за неговото функционирање тежи околу 7.000 тони. Во оваа бројка не влегуваат само серверите. Тука се и мрежната инфраструктура, системите за дистрибуција на електрична енергија, резервното напојување и огромната опрема потребна за одржување на соодветна температура. Само електричните кабли и собирници во еден ваков објект можат да содржат околу 2.700 тони бакар. Проблемот дополнително го зголемува брзината со која се развива технологијата. Дата-центрите изградени пред само неколку години не биле проектирани за денешните барања на најмоќните системи за вештачка интелигенција. Со секоја нова генерација процесори растат и барањата за електрична енергија, ладење и мрежна инфраструктура. Старите серверски ормари, на пример, можеле да трошат меѓу пет и 15 киловати. Кај инфраструктурата приспособена за современи системи за вештачка интелигенција, потрошувачката може да достигне меѓу 50 и 140 киловати. Таквиот скок не значи дека е доволно само старите процесори да бидат заменети со нови. Често мора да се менуваат каблите, напојувањето, системите за ладење и други делови од инфраструктурата. На тој начин технолошката надградба на дата-центарот може да создаде огромна количина отпад иако самиот објект продолжува да работи. Дополнителен фактор е краткиот животен циклус на најнапредните компоненти. Според претпоставките користени во анализата, графичките процесори и другите акцелератори за вештачка интелигенција можат да бидат заменувани на секои две до три години. Кај традиционалните сервери за општа намена, периодот на користење вообичаено се проценува на пет до седум години. Причината е жестоката трка за поголема компјутерска моќ. Новите генерации процесори можат да понудат значително подобри перформанси и енергетска ефикасност, поради што операторите на најголемите дата-центри имаат силен мотив брзо да ја заменуваат постојната технологија. Во одредени случаи не се заменува само графичкиот процесор, туку целиот серверски систем, бидејќи производителите испорачуваат однапред конфигурирани решенија приспособени за конкретната генерација технологија. И останатите компоненти имаат ограничен животен циклус. Мрежната инфраструктура може да се обновува на секои три до четири години, резервните системи за напојување и ладење приближно на пет години, додека опремата за дистрибуција на електрична енергија може да се користи околу осум години. Токму комбинацијата од масовна изградба на нови дата-центри и брзото заменување на технологијата стои зад предупредувањето за потенцијален бран електронски отпад. Истражувачите планираат дополнително да испитаат колкав дел од старата опрема би можел повторно да се користи, обнови или пренамени. Доколку значителен дел од компонентите добијат втор живот, вкупната количина отпад би можела да биде помала од најлошите сценарија. Сепак, постои уште еден проблем – електронскиот отпад не е само прашање на количина. Идните истражувања треба да ја анализираат и потенцијалната токсичност на отпадот од инфраструктурата за вештачка интелигенција, вклучително и можноста за загадување со одредени долготрајни хемиски соединенија. Во извештајот се предупредува и дека светот веќе нема доволно капацитет за безбедно справување со сегашните количества електронски отпад, а потенцијалниот раст на дата-центрите може дополнително да го зголеми притисокот врз системите за собирање и рециклирање. Дополнителна загриженост предизвикува фактот што, според анализата, сè уште не постои сеопфатен план на големите оператори на дата-центри, владите или меѓународните институции за справување со електронски отпад во размерите што би можел да ги создаде развојот на вештачката интелигенција. Досега најголем дел од дебатата околу влијанието на вештачката интелигенција врз животната средина беше насочена кон огромната потрошувачка на електрична енергија и вода во дата-центрите. Новите проценки покажуваат дека на таа листа ќе треба да се додаде уште еден голем предизвик. Технолошката револуција бара физичка инфраструктура од огромни размери, а таа инфраструктура има ограничен животен век. Колку побрзо напредуваат чиповите и системите за вештачка интелигенција, толку побрзо дел од денешната најсовремена опрема може да се претвори во утрешен електронски отпад. Токму затоа прашањето повеќе не е само колку дата-центри ќе му бидат потребни на светот, туку и што ќе правиме со милионите тони опрема што ќе останат зад нив. Навигација на напис iPhone 18 Pro на голем тест за издржливост: Резултатите го изненадија и познатиот тестер Илон Маск е најплатениот директор во светот: Надомест од неверојатни 132,3 милијарди долари