Брзото полнење одамна стана една од карактеристиките по кои кинеските производители на паметни телефони се обидуваат да се издвојат од конкуренцијата. Додека дел од најпопуларните модели на Apple, Samsung и Google и понатаму користат релативно конзервативни системи за полнење, компании како Xiaomi и Oppo веќе со години развиваат технологии со моќност од 100 вати и повеќе. Разликата особено се забележува во секојдневното користење. Кај одредени кинески модели, батеријата може да се наполни од нула до половина за помалку од десет минути, што значи дека кратко приклучување на телефонот може да обезбеди доволно енергија за повеќечасовно користење. Кај многу премиум модели од западните производители, корисниците и понатаму мораат да чекаат значително подолго за сличен процент на наполнетост. Но, причината не е едноставно во тоа што кинеските телефони имаат посилни полначи. Зад ваквите резултати стојат години инвестиции во сопствени технологии, батериски системи, контролери и софтвер кој го регулира протокот на енергија во зависност од температурата и состојбата на батеријата. Еден од клучните предизвици при брзото полнење е топлината. Колку повеќе енергија се испраќа во батеријата за пократко време, толку е поголем ризикот од загревање, а високите температури можат да влијаат врз трајноста и безбедноста на батеријата. Токму затоа кинеските производители не се фокусираат само на зголемување на моќноста на полначите. Тие развиваат системи кои ја распределуваат енергијата на начин што овозможува побрзо полнење, но истовремено го ограничува создавањето прекумерна топлина. Xiaomi, на пример, кај дел од своите уреди користи архитектура со повеќе батериски ќелии. Наместо целата енергија да се насочува кон една голема ќелија, системот овозможува полнењето да се распредели меѓу повеќе ќелии, со што полесно се контролира напонот, струјата и температурата. Oppo, пак, инвестираше во сопствени полначи и технологии за управување со топлината, со цел високата моќност да може да се користи без непотребно оптоварување на батеријата. Кај ваквите системи важна улога има и софтверот, кој постојано ги следи параметрите и ја прилагодува брзината на полнење. Оваа предност не е создадена за неколку години. Кинеските производители повеќе од една деценија вложуваат во развој на сопствени решенија за брзо полнење, а голем дел од потребниот хардвер се произведува во азискиот синџир на снабдување. Со текот на времето, технологиите кои некогаш биле скапи за развој станале полесни за примена во големи серии уреди. Развојот на брзото полнење на западните пазари се одвивал малку поинаку. Qualcomm со својот Quick Charge одигра значајна улога во раната фаза на оваа технологија, кога USB-полначите имаа значително помала моќност од денешните решенија. Со текот на годините се појавија и многу помоќни стандарди. Најновите генерации на технологијата Quick Charge можат да поддржат значително повисока моќност и да работат со USB Power Delivery, но тоа не значи дека производителите на телефони ја користат целата достапна моќност. Тука се гледа една од најголемите разлики во пристапот. Кинеските производители во брзото полнење гледаат како на важна продажна карактеристика и често се натпреваруваат кој ќе понуди пократко време од празна до полна батерија. Apple, Google и Samsung традиционално се многу поконзервативни во оваа област и повеќе внимание посветуваат на комбинацијата од перформанси, температура, трајност и безбедност. Тоа не значи дека американските и јужнокорејските компании технички не можат да развијат побрзи системи. Напротив, нивните инженери располагаат со технологија и ресурси за тоа, но производителите прават различен избор околу тоа каде ќе ги насочат инвестициите и каков компромис се прифатливи за нивните уреди. Во последните години голем дел од развојот кај премиум телефоните се насочува кон камерите, процесорите, дисплеите, поврзувањето и функциите базирани на вештачка интелигенција. Истовремено, производителите мораат да го земат предвид и влијанието на брзото полнење врз долгорочниот капацитет на батеријата. Безбедноста исто така има голема улога во оваа приказна. Проблемите со батериите на Galaxy Note 7 предизвикаа огромна штета за Samsung и доведоа до глобално повлекување на уредите, по што компанијата воведе дополнителни процедури за тестирање и контрола на батериите. Apple, од друга страна, се соочи со сериозни критики околу начинот на кој софтверски го контролираше стареењето на батериите кај постарите iPhone модели. Случајот познат како Batterygate дополнително ја зголеми чувствителноста на компанијата и јавноста кон начинот на кој производителите управуваат со животниот век и перформансите на батериите. Затоа трката во брзината на полнење не е толку едноставна како што изгледа на прв поглед. Производителот кој ќе стави поголем број вати на спецификациите не мора автоматски да понуди подобра батерија, подолг животен век или побезбеден уред. Сепак, од перспектива на корисникот, предноста на кинеските модели е очигледна. Наместо телефонот да стои приклучен половина час или повеќе, кај некои уреди неколку минути можат да бидат доволни за значително зголемување на автономијата. Токму затоа брзото полнење станува едно од полињата на кои кинеските производители имаат јасна технолошка предност. Ако Apple, Samsung и Google не решат да го променат досегашниот пристап, разликата во оваа категорија веројатно ќе остане присутна и во наредните години. На крајот, битката повеќе не е само кој има најголема моќност на полначот. Вистинскиот предизвик е кој ќе успее да ја спои екстремната брзина со безбедноста, ниската температура и долгиот животен век на батеријата – а токму тука ќе се води следната голема трка меѓу производителите на паметни телефони. Post navigation Од хит-дестинација до скап избор: Зошто туристите почнуваат да ја напуштаат Турција Колку пиво произведува Македонија и каде е на европската пивска карта?