Халкидики, долгогодишната оаза за македонските туристи, наскоро ќе добие сосема нов индустриски импулс. Компанијата Eldorado Gold најави дека рудникот „Skouries“ ќе започне со производство во 2026 година, со инвестиција од една милијарда долари, при што изградбата е веќе завршена околу 70 проценти. Овој проект е хибриден – комбинира подземни и површински активности – насочен кон две клучни суровини кои Европската Унија ги смета за стратешки: злато и бакар. Експертите во Грција велат дека со овој проект Халкидики не само што ќе остане туристички центар, туку ќе се најде и на индустриската мапа на регионов. Извршниот директор на Eldorado Gold, Џорџ Бернс, истакна дека проектот напредува стабилно благодарение на искусниот тим на терен, кој постигнува продуктивност над очекуваното. Според него, целта на компанијата е во првото тримесечје на 2026 година да започне производство на бакарно-златен концентрат, што ќе биде клучен момент за Eldorado. Капиталната вредност на проектот во февруари беше зголемена на 1,06 милијарди долари, поради недостиг на работна сила и потреба од набавка на високо-капацитетна опрема. Рудникот, кој беше замрзнат меѓу 2017 и 2021 година поради критики и локални спорови, повторно започна со изградба кон крајот на 2022 година по потпишување на нов договор со грчката влада. Според проектните податоци, Skouries ќе отвори над 100 директни и индиректни работни места и ќе располага со докажани резерви од 3,7 милиони унци злато и 1,7 милијарди паунди бакар, со предвидено работно време од 20 години. Слични активности се реализираат и во соседството. Во Романија, рудникот „Долина Ровина“ е на чекор од изградба и се наоѓа на листата на 47 стратешки проекти на Европската Унија. Овој рудник, кој се подготвува од компанијата „Еуро Сан Мајнинг“ и инвеститорот Трафигура, содржи околу 10,4 милиони унци еквивалент на злато. Во Бугарија, „Аурубис“ инвестира 115 милиони евра за најголемата реконструкција во последните 30 години на рудник за бакар, како дел од четиригодишната програма во вредност од 400 милиони евра, со цел долгорочно обезбедување на производство и усогласување со европските цели за критични минерални суровини. Побарувачката за бакар значително порасна откако Европската Унија го рангира како критична суровина, неопходна за производство на електрични возила, соларни панели, ветерни турбини и модернизација на енергетските мрежи. Истовремено, САД под администрацијата на Доналд Трамп исто така ги олеснија процедурите за ископ на бакар и најавија повисоки даноци за увоз, со цел стимулирање на домашното производство. Во споредба со регионалните напори, Македонија сè уште не може да се пофали со искористување на своите бакарни резерви. Единствени активни рудници се „Бучим“ и развојниот проект во Боров Дол. Иако МАНУ ја изготвува Нацрт-стратегијата за минерални суровини, правната несигурност и локалните критики често ги кочат инвестициите во нови рудници, како што се примерите Казандол и Кожуф. Иднината на проектот за бакар во Иловица останува неизвесна. Овој контраст го илустрира широкиот регионален напредок: додека Грција, Романија и Бугарија интензивно го развиваат секторот на стратешки минерали, Македонија останува на маргините, со огромен потенцијал кој сè уште чека реализација. Post navigation Подземен тунел, брзи железници и модерни автопати: Полска гради транспортна мрежа за иднината Amazon Web Services станува клучен играч во експанзијата на ChatGPT