Сè почесто слушаме дека вештачката интелигенција ќе ни ги земе работните места, дека ќе замени голем број професии и дека во иднина луѓето ќе мора да се приспособат на свет во кој машините ќе прават сè повеќе работи наместо нас. Но, ако судиме според примерите што ги гледаме во Македонија, барем засега ситуацијата изгледа малку поинаку. Наместо да ни ја земе работата, АИ понекогаш ни создава дополнителна работа – некој мора да провери што направила пред тоа да биде објавено. Само во последниот период видовме неколку примери кои покажуваат колку е важна човечката контрола. На билборд наменет за добредојде во Скопје, вештачката интелигенција направи прилично необична слика. Коњот на Александар Македонски се појави со пет нозе, храмот „Свети Сава“ од Белград се најде во скопскиот пејзаж, Камениот мост беше прикажан како да се протега до недоглед, а наместо скопското Кале се појави француски средновековен замок. На социјалните мрежи ваквата грешка нормално предизвика потсмев, но зад целата ситуација има и една посериозна поента. Не е проблемот што вештачката интелигенција направила грешка. Таа може да греши и тоа не е ништо ново. Проблемот е што некој човек ја зел таа слика, ја одобрил и дозволил таа да се најде на јавен билборд. За да се забележи дека коњот има пет нозе или дека скопското Кале не изгледа како француски замок, не е потребен експерт. Потребно е само некој внимателно да го погледне финалниот резултат. А вчера добивме уште еден пример. На прославата по повод 35 години независност на Македонија, македонското знаме се појави со 12 краци наместо со осум. И повторно се поставува истото прашање: кој ја проверува содржината пред таа да биде прикажана пред јавноста? Технологијата може да биде неверојатно корисна, но нејзината брзина не значи дека е непогрешлива. Вештачката интелигенција може да создаде слика за неколку секунди, но човекот е тој што треба да знае дали таа слика има смисла, особено кога станува збор за историски личности, национални симболи и препознатливи обележја на една држава. И затоа, можеби наместо да се плашиме дека АИ ќе ни ги земе работните места, во Македонија ќе мора да измислиме едно ново: контролор на вештачка интелигенција. Човек чија работа ќе биде да проверува дали она што го направила АИ навистина е точно пред да биде пуштено во јавност. Ќе треба да провери дали коњот има четири нозе, дали македонското знаме има осум краци и дали Скопје навистина личи на Скопје. Звучи смешно, но всушност станува збор за сериозна потреба. Вештачката интелигенција може да биде одличен помошник и да ни ја олесни работата, но не треба да биде оставена без човечка контрола. Особено кога нејзините резултати се користат во јавноста и кога можат да влијаат врз начинот на кој се претставуваат нашиот град, држава, историја и национални симболи. На крајот, можеби АИ навистина ќе ни ја земе работата. Но, ако продолжи вака, прво ќе мора да отвориме ново работно место – контролор на вештачка интелигенција. А во описот на работното место ќе стои едно многу едноставно правило: пред да кажеш „готово е“, провери дали коњот има четири нозе. Post navigation Вистинската бизнис можност се крие таму каде што никој не ја гледа: Како пустина во Намибија стана златна за грозјето Цените растат, економијата забавува, а работата станува понесигурна: Што е стагфлација и зошто сите се плашат од неа?