Некогаш сметан за погрешен потег, денес повторно е во центарот на вниманието. „Audi A2“ се враќа, но овојпат како модерен електричен автомобил кој треба да покаже дека идејата што пред повеќе од две децении не успеа, можеби била само пред своето време. Германскиот производител повторно ја активира ознаката „A2“, но новата генерација нема да биде наследник во класична смисла на оригиналниот модел од 1999 година. Наместо мал автомобил со револуционерна конструкција, новиот „Audi A2 E-Tron“ доаѓа како целосно електрично возило создадено според потребите на новата автомобилска ера. Првиот „Audi A2“ беше еден од најнапредните автомобили на своето време. Со лесна алуминиумска конструкција, мала тежина и исклучителна ефикасност, тој имаше технологии кои денес повторно стануваат актуелни. Но, токму напредноста беше и неговиот најголем проблем. Производството беше скапо, цената за купувачите беше висока, а пазарот во тоа време сè уште не беше подготвен за таков концепт. По повеќе од две децении, „Audi“ се обидува да ја исправи старата грешка со модел кој ќе се вклопи во трендот на електрификација и поефикасни автомобили. Новиот „A2 E-Tron“ ќе биде поставен на механичката платформа на „Volkswagen ID.3 Neo“, што значително ги намалува трошоците за развој и овозможува побрзо производство. Со користење на веќе постоечка технологија, „Audi“ има можност да понуди компактен електричен модел без огромни инвестиции кои го оптоваруваа оригиналниот „A2“. Од компанијата најавуваат дека новиот модел ќе биде еден од најефикасните автомобили што некогаш ги произвеле. Главниот фокус е ставен на мала потрошувачка на енергија, мала тежина и подобрена аеродинамика. Според најавените податоци, автомобилот би требало да троши околу 12,8 kWh електрична енергија на 100 километри, што би го поставило меѓу најштедливите модели во својата класа. Коефициентот на отпор на воздух од 0,24, со дополнителен аеродинамички пакет, покажува колку внимание е посветено на намалување на потрошувачката и продолжување на автономијата. Инженерите на „Audi“ работеле на секој детал. Возилото добива целосно затворено подвозје, специјални елементи за насочување на воздухот околу тркалата, дополнителни спојлери и активни отвори за ладење на батеријата кои се отвораат само кога тоа е потребно. Целта е секој дел од конструкцијата да придонесе за поголема ефикасност. За погон е предвиден електромотор поставен на задната оска со моќност од 188 коњски сили. Енергијата ќе ја обезбедува LFP батерија со капацитет од 61 kWh, технологија која станува сè поприсутна поради издржливоста и пониските производни трошоци. „Audi“ сè уште не ја открива официјалната автономија на возилото, но поради ниската потрошувачка се очекува таа да биде конкурентна во својата категорија. Идните верзии со поголеми батерии би можеле да понудат и домет над 640 километри според WLTP стандардот. Компанијата планира со новиот „A2 E-Tron“ да привлече купувачи кои бараат компактен, ефикасен и технолошки напреден автомобил, но и да покаже дека малите модели повторно можат да имаат важна улога во автомобилската индустрија. Светската премиера е најавена за оваа есен, а првите примероци на европскиот пазар се очекуваат кон крајот на годината или во почетокот на 2027 година. По неуспешниот обид од минатото, „Audi A2“ добива втора шанса. Овојпат не се враќа како скап технолошки експеримент, туку како електричен автомобил кој треба да одговори на новите правила во автомобилскиот свет. Дали некогашната грешка ќе стане идниот успех, ќе покаже пазарот. Post navigation Не е Германија, не е Швајцарија: Малата балтичка земја што светот ја откри како нов дом Маск не штеди за AI: SpaceX истури 295 милиони долари во Tesla за батерии