Економијата на еврозоната во вториот квартал од 2026 година покажа поголема сила од очекуваното, но новите податоци откриваат дека закрепнувањето не се одвива подеднакво во сите европски земји. Додека некои држави бележат силен раст и го забрзуваат економското темпо, други остануваат во место и се борат со последиците од високите трошоци, енергетските шокови и слабата инвестициска активност. Според првичните податоци на Евростат, бруто домашниот производ на еврозоната во второто тримесечје пораснал за 0,4 проценти во однос на претходниот квартал. Тоа е подобар резултат од очекувањата на аналитичарите, кои прогнозираа раст од околу 0,2 проценти. Во првиот квартал економијата на еврозоната практично стагнираше. На ниво на целата Европска унија, растот бил уште повисок и достигнал 0,5 проценти, по само 0,1 процент во претходниот период. На годишно ниво, економската активност пораснала за 1 процент во еврозоната и 1,2 проценти во рамките на Унијата. Најголемо изненадување приреди Ирска, која забележа убедливо најсилен квартален раст. Ирската економија во вториот квартал пораснала за 3,9 проценти, што значително ја издвојува од останатите европски држави. Според економските анализи, токму овој резултат придонел за подобрување на вкупната слика за еврозоната. По Ирска следуваат Литванија со раст од 1,7 проценти и Шведска со 1,4 проценти. Добри резултати остварија и дел од јужноевропските економии, кои во изминатиот период покажаа поголема отпорност отколку што се очекуваше. Португалија забележа квартален раст од 0,8 проценти, додека Шпанија продолжи да биде едно од најуспешните големи европски стопанства со раст од 0,7 проценти. Од друга страна, дел од економиите останаа без значителен напредок. Белгија и Австрија во вториот квартал не забележаа раст, што покажува дека закрепнувањето во Европа е нерамномерно. Најголемата европска економија, Германија, успеа да оствари раст од 0,2 проценти, но со побавно темпо во споредба со првиот квартал кога растот изнесуваше 0,4 проценти. Аналитичарите оценуваат дека германскиот раст во голема мера се потпирал на извозот, додека домашната потрошувачка и инвестициите останале послаби. Франција, по падот во претходниот квартал, се врати во позитивна зона со раст од 0,2 проценти. Сепак, економистите предупредуваат дека закрепнувањето е ограничено, особено поради слабата инвестициска активност. Италија исто така оствари раст од 0,2 проценти, но нејзината економија останува чувствителна на новите енергетски притисоци. Според експертите, земјата би можела да биде меѓу најпогодените ако цените на енергенсите продолжат да растат во втората половина од годината. Во спротивност со дел од големите економии, Шпанија продолжува да покажува стабилност. Растот од 0,7 проценти се поврзува со силната домашна потрошувачка, отпорниот извоз, владините мерки за поддршка и зголемените капацитети за производство на обновлива енергија. Сепак, подобрите економски бројки не значат дека Европа ги надмина сите проблеми. Инфлацијата повторно покажува знаци на забрзување. Годишната стапка на раст на цените во еврозоната во јули достигнала 2,9 проценти, во споредба со 2,8 проценти еден месец претходно. Новото зголемување на инфлациските притисоци може да влијае врз одлуките на Европската централна банка, која би можела повторно да размислува за затегнување на монетарната политика доколку растот на цените продолжи. Најновите податоци покажуваат дека европската економија влегува во втората половина од годината со поголема стабилност од очекуваното, но и со јасна поделба меѓу победниците и губитниците. Додека некои земји успеваат да го искористат моментот за забрзан раст, други сè уште се соочуваат со структурни проблеми и притисоци што го ограничуваат нивниот економски напредок. Post navigation Над 81.000 милионери живеат во Дубаи: Како пустинскиот град стана рај за светските богаташи Кога летото ќе заврши, исчезнуваат и гостите: Зошто Струга не успева да изгради туризам што ќе трае 12 месеци?