Грција започна информативна кампања наменета за лицата со грчко потекло кои живеат надвор од земјата, меѓу кои се и граѓани на Македонија, со цел подетално да ги запознае со условите и постапката за стекнување грчко државјанство. Кампањата е споделена и преку Амбасадата на Грција во Скопје, која ги упатува заинтересираните да се информираат за можностите што ги предвидува грчкото законодавство.

Според објавените информации, право да поднесат барање имаат лица кои можат да докажат дека имаат грчко потекло. Правото на државјанство зависи од семејните врски со грчки државјани и од тоа дали тие се соодветно евидентирани во грчките матични книги.

Во случаите кога едниот родител – мајката или таткото – бил грчки државјанин и бил запишан во грчката матична евиденција во моментот на раѓањето на детето, постапката започнува со пријавување на раѓањето во надлежниот грчки конзулат во државата каде што живее лицето. По завршувањето на оваа процедура, може да продолжи процесот за признавање на државјанството.

Доколку родителот го стекнал грчкото државјанство по раѓањето на детето, и во таков случај постои можност потомокот да поднесе барање за стекнување грчко државјанство. Барањето се доставува преку грчкиот конзулат кој е надлежен за местото на живеење на подносителот, а секој предмет се разгледува поединечно во согласност со важечките законски процедури.

Грчките власти нагласуваат дека основен предуслов за признавање државјанство по потекло е родителот да биде грчки државјанин и да биде официјално запишан во општинските матични книги во Грција. Исполнувањето на овие услови е клучно за понатамошното разгледување на барањето.

Воедно се посочува дека дипломатско-конзуларните претставништва не носат конечни одлуки за доделување државјанство. Нивната улога е да ги примаат барањата, да ја проверуваат документацијата и да ги информираат граѓаните за потребните чекори, додека конечната одлука ја донесуваат надлежните институции во Грција.

Од грчките власти ги повикуваат сите лица кои сметаат дека имаат право на грчко државјанство врз основа на потекло да се обратат до најблискиот грчки конзулат. Таму ќе можат да добијат детални информации за потребната документација, законските услови и целокупната постапка за поднесување на барањето.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *