Германскиот производител на батерии Varta официјално започна постапка за стечај, откако компанијата се соочи со сериозни финансиски проблеми предизвикани од падот на побарувачката, неповолните движења на валутните пазари и губењето на еден од клучните клиенти.

Компанијата потврди дека поднела барање за прелиминарна несолвентност под самостојна управа, а Окружниот суд во Штутгарт потврди дека се поднесени четири барања кои ги опфаќаат и дел од подружниците на групацијата.

Како една од главните причини за кризата, Varta го посочи одлуката на американскиот технолошки гигант Apple да ги набавува батериите за полнење CoinPower, кои се користат во безжичните слушалки AirPods, од кинески производители во иднина. Губењето на овој клиент претставува сериозен удар за германската компанија, која долго време беше еден од познатите производители во сегментот на мали батерии.

Од Varta наведуваат дека целта на постапката за несолвентност е да се обезбеди продолжување на работењето и да се создадат услови за долгорочно стабилизирање на компанијата.

„Технолошки, она што го произведува Varta е на многу високо ниво. Но, на крајот, клучното прашање е цената“, изјави експертот за батерии Дирк Уве Зауер, професор на Универзитетот RWTH Ахен.

Според него, проблемите на Varta не се само индивидуален случај, туку се одраз на пошироките предизвици со кои се соочува германската индустрија за батерии. Европа долго време се обидува да изгради сопствен производствен капацитет, но се соочува со силна конкуренција од Кина, која во последните години создаде огромна производствена база и успеа да ги намали трошоците.

„Во Германија немаме производство во големи размери. Кина изгради огромен капацитет, а тоа создаде силен притисок врз цените“, предупреди Зауер.

Тој смета дека случајот со Varta покажува колку е важно Европа да ја намали зависноста од азиските производители на батерии, особено во време кога батериите стануваат клучна технологија за електричните возила, складирањето енергија и модерната електроника.

Финансиските проблеми на Varta се зголемија во период кога доверителите, предводени од Deutsche Bank и финансиските инвеститори RBC BlueBay, Blantyre и Whitebox, најавија планови за издвојување на дел од бизнисот со батерии за домаќинства од рамките на групацијата. Според нив, тешката финансиска состојба бара промени во структурата на компанијата.

И покрај кризата, експертите гледаат потенцијал во технолошкото знаење што го поседува Varta. Особено внимание привлекува развојот на натриум-јонски батерии, технологија која би можела да биде алтернатива на традиционалните литиумски батерии и да помогне во намалување на зависноста од ограничени суровини и кинеските синџири на снабдување.

„Натриум-јонските батерии се вистинска можност за Европа, бидејќи материјалите потребни за нив се многу полесно достапни на глобално ниво“, смета Зауер.

Иднината на Varta сега ќе зависи од успешноста на процесот на реструктуирање и способноста компанијата да најде нови извори на приходи. Случајот, сепак, отвора и пошироко прашање за иднината на европската индустрија за батерии и нејзината способност да се натпреварува со азиските производители во стратешки важен технолошки сектор.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *