Дубровник со години се соочува со предизвикот кој го имаат многу светски туристички центри – како да ја задржи привлечноста за милиони посетители, а притоа да не ја изгуби автентичноста поради прекумерниот број туристи. Хрватскиот град, познат по своите историски ѕидини, старото градско јадро и статусот на светско наследство на УНЕСКО, повеќе не се фокусира само на привлекување што повеќе гости. Наместо раст на бројките, локалните власти сè повеќе зборуваат за одржлив туризам и подобро управување со посетителите. Од почетокот на годината до средината на јули, Дубровник забележал речиси 650.000 туристички пристигнувања и околу два милиони ноќевања. Во градот најчесто пристигнуваат гости од Велика Британија, САД, Франција, Германија, Полска, Ирска, Шпанија, Канада и Австралија, но целта на градската управа повеќе не е само зголемување на бројот на посетители. „Не е важно само колку луѓе доаѓаат, туку и кога доаѓаат и како се распоредени нивните посети во текот на денот и неделата“, изјави градоначалникот на Дубровник, Мато Франковиќ. Тој потсетува дека пред неколку години ситуацијата била значително поинаква. Често се случувало повеќе крузери истовремено да пристигнат во градското пристаниште, што резултирало со огромни гужви во Стариот град и создавање притисок врз локалната инфраструктура. Токму тие искуства биле причина градот да започне со нов пристап кон управувањето со туризмот. Од 2017 година Дубровник ја спроведува иницијативата „Почитувај го градот“, чија цел е заштита на историското јадро и зачувување на квалитетот на живот за локалното население. Една од најзначајните мерки е ограничувањето на бројот на крузери кои можат истовремено да пристигнат во градското пристаниште. Во еден момент дозволено е да има најмногу два брода со вкупно околу 4.000 патници, а нивниот престој е регулиран така што посетителите имаат повеќе време да ги истражат и другите делови од регионот, наместо сите да се концентрираат во ист период во Стариот град. Градот воведе правила и за автобусите што носат еднодневни туристи од соседните земји и острови. Тие мора однапред да резервираат термин за пристигнување, со што се избегнува создавање големи туристички бранови во исто време. Дигиталните решенија исто така станаа дел од стратегијата. Туристичката Дубровничка карта им овозможува на посетителите пристап до музеи и јавен превоз, но истовремено им дава препораки кога е најдобро да ги посетат најпопуларните локации за да избегнат гужви. Во историскиот центар се поставени сензори кои го следат бројот на посетители, а Универзитетот во Дубровник ги анализира податоците за да помогне во создавање нови мерки за подобро управување со туристичките движења. Сепак, проблемот со масовниот туризам не се однесува само на преполните улици. Градските власти предупредуваат дека сè поголем предизвик претставува и ширењето на краткорочното изнајмување станови, кое во многу европски градови доведе до намалување на бројот на локални жители во историските центри. „Краткорочното изнајмување станови постепено ги менува градовите. Жителите си заминуваат, а населбите стануваат места наменети речиси исклучиво за туристи. Но, луѓето не сакаат да посетуваат градови без вистински локален живот“, предупредува Франковиќ. Последиците веќе се видливи во Дубровник. Денес во Стариот град живеат околу 1.500 луѓе, додека во почетокот на деведесеттите години бројот на жители бил околу 5.000. Поради тоа, градот размислува за нови мерки со кои дел од помалку развиените туристички зони би можеле да се претворат во станбени области со попристапни цени за локалното население. Целта е историскиот центар повторно да остане место каде што луѓето живеат, а не само простор што туристите го посетуваат неколку часа. За градоначалникот Франковиќ, вистинскиот успех не се мери само со бројот на пристигнати туристи, туку со тоа дали градот ќе успее да ја зачува својата препознатливост и во иднина. „Мојата желба е по 30 години некој да се врати и да го најде истиот Дубровник – со истата убавина, зачуван историски центар и чисто море“, порача тој. Со стратегијата „Почитувај го градот“, Дубровник се обидува да покаже дека туризмот и зачувувањето на локалниот идентитет не мора да бидат спротивставени цели, туку дека иднината на успешните дестинации зависи токму од нивната способност да најдат рамнотежа. Post navigation Изгубен пасош во Грција – првите чекори што секој турист мора да ги знае Германскиот производител на батерии Varta побара стечај, компанијата се соочува со сериозна криза