Недостигот од работна сила и сè поголемите предизвици предизвикани од климатските промени го принудуваат земјоделството да бара нови решенија. Во Италија, научници и инженери развија робот кој би можел да стане важен помошник во лозарството, способен да работи долги часови без замор и без потреба од пауза.

Роботот наречен Фраски е создаден како дел од проект чија цел е воведување на напредна роботика и вештачка интелигенција во традиционалното производство на грозје. Зад развојот стои тим предводен од истражувачот Мануеле Каталано од Лабораторијата за роботика при Италијанскиот технолошки институт во Џенова, во соработка со компании, универзитети и иновативни центри од регионот Бергамо.

Главната идеја на проектот е да се помогне во решавањето на еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат лозарите – недостатокот на квалификувани работници. Истовремено, роботот треба да придонесе за поодржливо производство преку попрецизно користење на ресурсите и намалување на непотребната употреба на хемиски средства.

Фраски е опремен со роботизирана рака, специјален систем за манипулација со растенијата и напредни камери кои му овозможуваат да ги препознава гроздовите и околината во која работи. Благодарение на системите за автономно движење, роботот може самостојно да се движи низ нерамни лозови насади, да избегнува пречки и да извршува различни задачи.

Неговите можности не се ограничуваат само на набљудување на растенијата. Фраски може да следи како се развива лозата, да го контролира процесот на зреење, да врши прецизно прскање, а во иднина и да помогне при бербата на грозјето. Со промена на додатоците, роботот може да се приспособи на различни потреби на производителите.

Во срцето на системот се наоѓа специјално развиен софтвер со модуларна структура, составен од три главни делови – за препознавање и анализа на околината, управување со роботската рака и навигација. Благодарение на собраните податоци, Фраски може да создава дигитални мапи на лозјата и да овозможи попрецизно внесување на хранливи материи, со што се избегнува прекумерната употреба на ѓубрива.

Развојот на ваков робот не бил едноставен процес. Лозјата претставуваат сложена средина за автоматизација бидејќи теренот често е стрмен и нерамен, растенијата се различни, а грозјето е чувствително и лесно може да се оштети при механичка обработка.

Сепак, првите тестирања покажале дека Фраски успешно се снаоѓа и во лабораториски услови и во реални лозја во областа Бергамо. Роботот покажал способност самостојно да се движи, да ги препознава пречките и да извршува задачи поврзани со одржување и следење на насадите.

Иако Фраски сè уште е прототип, неговиот развој покажува во која насока може да се движи иднината на земјоделството. Роботите и вештачката интелигенција постепено стануваат дел од производството на храна, не со цел целосно да ги заменат луѓето, туку да им помогнат на земјоделците да работат поефикасно, попрецизно и со помало оптоварување.

За традиционалните лозарски региони како Италија, каде производството на вино има вековна историја, ваквите технологии претставуваат можност старите земјоделски практики да се поврзат со современите иновации.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *