Иако Светското првенство донесе преполни стадиони, милиони навивачи и голем туристички интерес, економските ефекти за Мексико останаа значително помали од очекувањата. Аналитичарите оценуваат дека фудбалскиот спектакл обезбедил само краткорочен поттик, без да ја промени пошироката економска слика на земјата, која и понатаму се соочува со слаб инвестициски циклус и неизвесност околу идните трговски односи во Северна Америка. Мексико беше домаќин на 13 натпревари од вкупно 104 одиграни на турнирот, кој заеднички го организираше со САД и Канада. Властите очекуваа настанот значително да го поттикне туризмот и економската активност, особено по падот на бруто-домашниот производ во првиот квартал од годинава. Сепак, проценките покажуваат дека придонесот кон економскиот раст бил ограничен. Главниот економист на Rankia, Умберто Калсада, оценува дека Светското првенство нема долгорочно да ја промени насоката на мексиканската економија. Според него, турнирот создава краткотраен позитивен ефект, но не е доволен за да ги надмине структурните предизвици со кои се соочува земјата. Додека владата прогнозира економски раст меѓу 1,8 и 2,8 проценти оваа година, дел од аналитичарите очекуваат раст од околу 1,1 процент. И финансиските институции ги ревидираа проценките за економската корист од настанот. Банката Banorte ја намали прогнозата за придонесот на Светското првенство во БДП на меѓу 0,4 и 0,5 проценти, додека Banamex пресмета дека вкупниот економски ефект изнесува околу две милијарди долари, што претставува само околу 0,1 процент од националниот БДП. За споредба, тој износ е значително помал од месечните дознаки што мексиканските иселеници ги испраќаат во земјата. Консултантската компанија Deloitte процени дека турнирот создал околу 100.000 привремени работни места, што е помалку од претходните очекувања. Во исто време, податоците на BBVA покажуваат дека домашната потрошувачка во јуни благо се намалила. Потрошувачката во хотелите опаднала за 10,5 проценти, а во рестораните за речиси пет проценти, иако трошоците за забава забележале значителен раст. Економските придобивки не биле рамномерно распределени ниту меѓу градовите домаќини. Во Мексико Сити, Гвадалахара и Монтереј дел од секторите забележале подобри резултати, но Мексиканската асоцијација на ресторани соопшти дека околу половина од угостителските објекти работеле послабо од вообичаено. Како причини се наведуваат пониската хотелска исполнетост и протестите што се одржуваа во главниот град. Слична слика покажуваат и податоците за авионскиот сообраќај. Бројот на патници благо се зголемил на аеродромите во Гвадалахара и Монтереј, додека главниот аеродром во Мексико Сити регистрирал намалување на сообраќајот. Економистите заклучуваат дека, и покрај глобалното внимание што го привлече Светското првенство, идниот развој на мексиканската економија ќе зависи многу повеќе од инвестициите и сигурноста околу трговскиот договор USMCA, отколку од ефектите што ги донесе најголемиот светски фудбалски настан. Post navigation Пазарот ја казни компанијата: Нетфликс изгуби милијарди по новите прогнози Македонија за една деценија остана без над 150.000 лица од активното население