Извршниот директор на германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“, Оливер Блуме, призна дека компанијата се соочува со сериозен предизвик – не со недостаток на купувачи, туку со недоволна заработка по продадено возило. И покрај силната побарувачка за нивните модели, високите трошоци и сложеното производствено портфолио го намалуваат профитот, поради што компанијата планира голема реорганизација. „Нашите производи се многу популарни, но не заработуваме доволно пари од нив. Затоа мораме дополнително да ги намалиме трошоците во сите области“, изјави Блуме во интервју за германскиот весник „Билд“. Според него, главниот проблем на „Фолксваген“ не е продажбата, туку профитабилноста. Компанијата испорачува голем број автомобили, но заработката по возило не е на нивото што е потребно за долгорочен раст и конкурентност на глобалниот пазар. Поради тоа, германскиот концерн започна план за намалување на трошоците кој вклучува и значително поедноставување на понудата на модели. Во следните години, компанијата би можела да го намали своето портфолио за дури половина, со што дел од постојните возила на брендовите во групацијата би можеле да исчезнат од понудата. Во групацијата „Фолксваген“ се наоѓаат брендови како „Фолксваген“, „Ауди“, „Шкода“, „Порше“, „Ламборџини“, „Бентли“, „СЕАТ“ и „Купра“, а целта на раководството е да се фокусира на моделите кои носат најголем обем на продажба и највисока заработка. „Во иднина сакаме да ја зголемиме продажбата по модел. За да го постигнеме тоа, постојано го поедноставуваме нашето производствено портфолио“, нагласи Блуме. Освен можното укинување на дел од моделите, компанијата планира и намалување на бројот на достапни верзии и опции кај возилата што ќе останат во понудата. Според плановите, бројот на комбинации и дополнителни опции би можел да биде намален до 75 проценти, што би требало да го олесни производството и да ги намали трошоците. Овој потег е дел од пошироката стратегија на „Фолксваген“ да стане поефикасен во период кога автомобилската индустрија минува низ големи промени. Притисокот од кинеските производители на електрични автомобили, високите трошоци за развој на нови технологии и потребата за големи инвестиции во електрификација ги принудуваат традиционалните производители да бараат нови начини за зголемување на профитот. Иако германската компанија и понатаму има силна позиција на светскиот автомобилски пазар, раководството смета дека идниот успех нема да зависи само од бројот на продадени автомобили, туку од тоа колку е исплатлива секоја продажба. Со намалување на бројот на модели, поедноставување на производството и фокусирање на најуспешните возила, „Фолксваген“ се обидува да ја промени стратегијата и да обезбеди поголема заработка од секој автомобил што ќе излезе од неговите фабрики. Post navigation ФИФА профитира најмногу од Светското првенство, додека економскиот ефект за САД останува под знак прашалник ЕЦБ го забрзува проектот за дигиталното евро: Почнува пилот-програмата со 36 банки и платежни компании