Европскиот парламент усвои нов пакет правила со кои значително се зајакнуваат правата на патниците во авионскиот сообраќај. Измените носат појасни процедури за добивање обесштетување, поголема транспарентност при купување билети и дополнителна заштита за семејствата, лицата со попреченост и другите ранливи категории патници. Една од најважните новини е што останува правото на финансиски надомест во случај летот да доцни повеќе од три часа или да биде откажан помалку од 14 дена пред планираното полетување. Висината на обесштетувањето не се менува и изнесува 250 евра за летови до 1.500 километри, 400 евра за летови во рамките на Европската Унија и за релации меѓу 1.500 и 3.500 километри, додека за подолгите летови надоместокот останува 600 евра. Новите правила предвидуваат и обврска авиокомпаниите електронски да ги информираат патниците за нивните права и можноста да поднесат барање за надомест најдоцна 96 часа по пристигнувањето на летот. Откако ќе биде доставено барањето, превозникот ќе мора веднаш да го потврди неговиот прием, а во рок од 30 дена да исплати надомест или писмено да ги образложи причините за евентуално одбивање. Со новата регулатива се укинува и практиката позната како „непојавување“, според која некои авиокомпании им го поништуваа повратниот билет на патниците доколку не го искористеле летот во појдовната насока. Во иднина ваквата практика повеќе нема да биде дозволена. Дополнително, се воведуваат построги правила за прикажување на цените на билетите. Авиопревозниците ќе мора уште на почетокот на процесот на резервација јасно да ја прикажат конечната основна цена, во која ќе биде вклучен и дозволениот рачен багаж. Целта е патниците полесно да ги споредуваат понудите и да избегнат неочекувани дополнителни трошоци. Измените носат и поголема заштита за семејствата и ранливите категории патници. Родителите ќе имаат право бесплатно да седат покрај своите деца, а истото право ќе важи и за лицата што придружуваат патници со намалена подвижност. Бесплатно заедничко седење ќе биде обезбедено и за бремени жени и за деца помлади од 14 години. Воедно, лицата со попреченост и намалена мобилност ќе добијат подобра асистенција на аеродромите, приоритет при пренасочување на летовите, како и право на бесплатен превоз на помагала за мобилност и кучиња-водичи. Со овие измени Европската Унија има цел да обезбеди пофер и потранспарентен третман на патниците, како и поголема одговорност на авиокомпаниите во случај на доцнења, откажувања и други проблеми при патувањето. Post navigation Продажбата на Porsche падна за 16 отсто, Кина и САД го притискаат германскиот производител Крај на ерата на евтината електроника: Зошто телефоните и компјутерите ќе стануваат сè поскапи?