Прекумерната употреба на мобилни телефони и други дигитални уреди од страна на родителите може да остави долготрајни последици врз емоционалниот и психолошкиот развој на децата, покажува ново истражување објавено во научното списание Frontiers in Psychology. Студијата, во која учествувале околу 600 деца и тинејџери на возраст од 12 до 17 години во Соединетите Американски Држави, укажува дека многу млади луѓе се чувствуваат запоставено кога нивните родители за време на заедничките моменти вниманието го насочуваат кон мобилните телефони наместо кон нив. Истражувачите предупредуваат дека ваквото однесување може да придонесе за развој на таканаречена несигурна емоционална приврзаност. Според нив, тоа подоцна во животот може да се одрази преку намалена самодоверба, потешкотии во градењето блиски односи, недоверба кон другите и страв од преземање ризици неопходни за личен и професионален развој. Еден од авторите на истражувањето, психологот Дон Грант, истакнува дека чувството на емоционална недостапност кај родителите може да има последици што ќе ги следат децата и во зрелата возраст. Тој нагласува дека не е доволно родителот физички да биде присутен, доколку најголемиот дел од вниманието го посветува на екранот. Истражувањето е меѓу најобемните досега што ја анализира перцепцијата на децата за користењето технологија од страна на нивните родители. Иако во последните години голем дел од вниманието беше насочено кон зависноста на младите од социјалните мрежи, сè повеќе научници предупредуваат дека и навиките на возрасните имаат значително влијание врз семејните односи. Овој феномен, познат како „техноференција“, се однесува на ситуациите кога дигиталните уреди ги нарушуваат меѓучовечките односи, при што лицето е физички присутно, но емоционално и психолошки отсутно. Претходни истражувања покажале дека ваквиот модел на однесување негативно влијае и врз партнерските односи, а новите резултати сугерираат дека слични последици има и во односот меѓу родителите и децата. Податоците од истражувањата во САД покажуваат дека речиси половина од тинејџерите сметаат дека нивните родители барем понекогаш се расеани од мобилниот телефон додека разговараат со нив. Од друга страна, значително помал број родители сметаат дека тоа претставува проблем, иако мнозинството признава дека користењето на телефоните понекогаш го нарушува квалитетот на семејното време. Според експертите, современите дигитални платформи не влијаат само врз навиките на децата, туку и врз однесувањето на возрасните. Тие предупредуваат дека родителите, исто како и нивните деца, можат да станат жртви на механизмите со кои апликациите и социјалните мрежи го задржуваат вниманието на корисниците. Во меѓувреме, технолошките компании сè повеќе се соочуваат со правни постапки поради обвинувања дека нивните платформи имаат штетно влијание врз младите, а новите научни сознанија дополнително ја прошируваат дебатата за влијанието на дигиталната технологија врз семејниот живот и менталното здравје. Post navigation Nvidia изгуби речиси еден трилион долари од пазарната вредност, но аналитичарите остануваат оптимисти Кина попушта: Водечките технолошки компании ќе можат да набавуваат AI процесори од Nvidia