Новиот Ferrari Luce уште од своето претставување предизвика силни реакции кај јавноста. Моделот, кој претставува значително отстапување од препознатливиот дизајнерски правец на италијанскиот производител, наиде на поделени мислења меѓу автомобилските експерти и долгогодишните љубители на брендот. Најголем дел од критиките се однесуваат на неговиот изглед, кој според дел од фановите не ги следи традиционалните линии по кои Ferrari е препознатлив со децении. Скептицизам предизвика и фактот што станува збор за првиот целосно електричен модел на компанијата, што за многумина претставува голема промена во идентитетот на брендот. Сепак, додека на европските пазари реакциите остануваат резервирани, сосема поинаква е сликата во Кина. Според локалните медиуми, интересот за Ferrari Luce на најголемиот автомобилски пазар во светот е значително поголем од очекувањата. Кинескиот портал Car News China објави дека првата серија од 88 возила наменети за кинеските купувачи за оваа година била резервирана речиси веднаш по почетокот на продажбата. Информацијата предизвика големо внимание, иако подоцна од продажните салони на Ferrari во Пекинг за Beijing Business Today изјавија дека процесот на примање нарачки продолжува и дека не е воведено запирање на продажбата. Во автомобилската индустрија веќе се шпекулира дека Ferrari би можел да пренасочи дел од планираните количини од други пазари кон Кина доколку силната побарувачка продолжи и во наредниот период. Со почетна цена од околу половина милион евра, Ferrari Luce очигледно успева да привлече внимание кај кинеските купувачи и покрај контроверзите што ги предизвика неговиот дизајн. Првите реакции од пазарот покажуваат дека новиот електричен модел има потенцијал да стане важен адут на италијанскиот производител токму во земјата која денес претставува еден од најзначајните пазари за луксузни автомобили. Post navigation Американски милијардер вложува 2,6 милиони долари за истражување на ризиците од спортското обложување SpaceXAI го претстави Grok 4.5, нов AI модел за финансии, право и програмирање