Хрватска се најде на врвот меѓу земјите од Европската Унија според растот на цените на кириите, покажуваат најновите податоци на Европскиот завод за статистика (Евростат). Во првиот квартал од 2026 година, изнајмувањето станбени објекти било во просек за 21,9 проценти поскапо во однос на просечните цени од 2025 година, што претставува најголемо зголемување во Унијата. Зад Хрватска следуваат Бугарија, каде што кириите се зголемиле за 6,4 проценти, и Грција со раст од пет проценти. На ниво на Европската Унија, просечното поскапување на кириите изнесува 1,8 проценти, додека единствен пад е регистриран во Словенија, каде што цените се намалиле за 0,9 проценти. Во Финска, пак, кириите останале речиси непроменети во споредба со минатогодишниот просек. Податоците се базираат на Хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP), кој ја следи компонентата за реалните плаќања за изнајмување станбени објекти и претставува важен показател при пресметката на инфлацијата во еврозоната и Европската Унија. Анализата покажува дека трендот на нагло поскапување во Хрватска се засилил уште од втората половина на 2025 година. Ако се споредат цените со истиот период лани, кириите во првиот квартал од годинава биле во просек за 39,1 процент повисоки. Во мај, уште поголем годишен раст е забележан само во Романија, каде што цените се зголемиле за 43,6 проценти. Двоцифрен раст во истиот период е регистриран и во Словенија и Бугарија. На ниво на еврозоната, кириите во мај биле за 2,7 проценти повисоки во споредба со истиот месец минатата година, додека во целата Европска Унија растот достигнал три проценти. Во меѓувреме, Хрватска воведе и измени во законската регулатива за посредување при продажба и изнајмување недвижности. Новите правила имаат цел да обезбедат поголема транспарентност на пазарот, построг надзор врз агенциите и подобра заштита на купувачите, продавачите и закупувачите. Со измените се забранува рекламирање недвижности без претходно склучен договор за посредување, а услугите ќе можат да ги вршат само агенти запишани во официјалниот регистар што го води Хрватската стопанска комора. Истовремено се воведуваат повисоки казни за нелегално посредување, се зголемува задолжителното осигурување од професионална одговорност и се прецизираат правилата за договорните односи и наплатата на провизиите. Надлежните институции ги повикуваат граѓаните пред ангажирање агенција да проверат дали таа е регистрирана и овластена за работа. Дополнително, лицата кои го положиле стручниот испит повеќе нема да можат самостојно да посредуваат доколку не се вработени кај лиценциран посредник. Post navigation Недостигот на гориво ја погодува Русија: Се нарушуваат испораките на храна и растат редиците пред пумпите Американски милијардер вложува 2,6 милиони долари за истражување на ризиците од спортското обложување