Една од највлијателните видеоигри во историјата, Half-Life 2, доби нов живот благодарение на необичен проект што овозможува играта да се игра директно преку интернет прелистувач, без потреба од класична инсталација. Решението, кое за кратко време привлече големо внимание меѓу гејмерите, е дело на средношколец и програмер познат под псевдонимот slqnt. Проектот бил развиван околу три месеци, а неговата цел била да покаже дека комплексна видеоигра како Half-Life 2 може да функционира и како веб-апликација. Наместо преземање и инсталирање на играта преку дигитални платформи, корисниците можат веднаш да ја стартуваат од прелистувачот, при што се презема само неопходен дел од податоците што локално се зачувуваат за непречено функционирање. Ваквиот пристап значително го поедноставува пристапот до играта и ја прави достапна на многу поширок круг корисници. Не е потребно отворање корисничка сметка ниту инсталирање дополнителен клиент, што претставува голема предност во однос на традиционалниот начин на дистрибуција. Иако веб-верзијата успешно ја пренесува најголемата содржина од оригиналната игра, авторот признава дека постојат одредени технички ограничувања. При преминување меѓу поголемите нивоа може да се појават забавувања или краткотрајна нестабилност на прелистувачот, бидејќи тогаш се обработува значително количество податоци. За да се обезбеди постабилна работа, дел од напредните графички ефекти намерно се исклучени. Одредени визуелни елементи, како специфичните шejдери и дел од деталните анимации на лицата на ликовите, не се вклучени бидејќи предизвикувале проблеми со перформансите и стабилноста на проектот. Покрај на компјутерите, играта може да се отвори и преку мобилен прелистувач. Сепак, поради комплексноста на контролите, за удобно играње се препорачува користење надворешна тастатура и глувче или гејмерски контролер, бидејќи управувањето преку екран на допир не нуди целосно искуство. По објавувањето, проектот брзо се прошири низ социјалните мрежи и гејмерските заедници, каде што илјадници корисници го тестираат и ги споделуваат своите впечатоци. Многумина го оценуваат како интересен технички експеримент што покажува колку се развиле современите веб-технологии и какви можности отвораат за зачувување и повторно оживување на постарите видеоигри. Иако проектот е создаден како некомерцијален и едукативен експеримент, неговата иднина останува неизвесна. Half-Life 2 е интелектуална сопственост на компанијата Valve, која во секој момент може да побара повлекување на веб-верзијата доколку оцени дека ги нарушува нејзините авторски права. Без разлика на тоа дали проектот ќе остане достапен подолг период, тој веќе претставува интересен пример за тоа како современите веб-технологии можат да овозможат класичните видеоигри да станат подостапни за новите генерации играчи, без потреба од сложени инсталации или специјализиран софтвер. Post navigation Додека вработените во SpaceX станаа милионери, во Blue Origin многумина останаа без вредни акции Берзата го оттурна еуфоричниот бран: Голем пад на акциите на производителите на чипови