Паузите за хидратација воведени на Светското првенство во 2026 година првично беа претставени како мерка за заштита на здравјето на фудбалерите поради високите температури на кои се игра дел од натпреварите. Сепак, неколку месеци по нивното воведување, тие добија и значајна комерцијална улога, отворајќи простор за стотици нови рекламни термини и милионски приходи за телевизиските емитувачи ширум светот. Според новите правила на ФИФА, секој натпревар се прекинува двапати – на 22. минута од секое полувреме – со триминутна пауза за освежување на играчите. Она што првично беше оправдано како безбедносна мерка, брзо се претвори во нов извор на приходи откако радиодифузерите добија можност во тие интервали да емитуваат реклами. Со оглед на тоа што на шампионатот се играат 104 натпревари, а секоја пауза овозможува простор за четири реклами од по 30 секунди, вкупно се создадени 832 нови рекламни слота кои досега не постоеја во историјата на Светските првенства. Тоа значително ја зголеми комерцијалната вредност на телевизиските преноси. Најголема финансиска корист, според проценките, има американскиот телевизиски гигант „Фокс Спортс“, кој ги поседува правата за пренос на турнирот во САД. Компанијата плати околу 485 милиони долари за телевизиските права, а новите рекламни паузи отворија можност за брзо враќање на голем дел од инвестицијата. Цената на еден рекламeн термин достигнува околу 200.000 долари за натпреварите од групната фаза, додека за натпреварите на американската репрезентација може да надмине и 750.000 долари. Со просечна цена од околу 300.000 долари по термин, аналитичарите проценуваат дека само од паузите за хидратација „Фокс“ може да инкасира околу 250 милиони долари. Новиот формат, сепак, не помина без критики. Голем број навивачи реагираа дека рекламните блокови понекогаш траат предолго, поради што дел од случувањата на теренот остануваат надвор од преносот. По ваквите реакции, за време на натпреварот меѓу Мексико и Јужна Кореја, телевизијата воведе поделен екран, при што рекламите се емитуваа на едната страна, додека натпреварот продолжи да се следи во живо на другата. Експертите за спортски медиуми проценуваат дека кога ќе се соберат приходите од сите телевизиски куќи кои го пренесуваат Светското првенство, вкупната заработка од рекламите за време на паузите за хидратација би можела да надмине една милијарда долари. Тоа покажува дека мерката која официјално беше воведена за заштита на играчите, истовремено создаде и еден од најпрофитабилните нови рекламни формати во историјата на светските фудбалски шампионати. Post navigation Apple подготвува најголема промена во Mac чиповите: Приоритет добива вештачката интелигенција Скок на цените во бродскиот транспорт: Танкерите се изнајмуваат за речиси 200.000 долари дневно