Европската автомобилска индустрија повторно е под притисок, овојпат поради влошениот недостиг на полупроводници, кој се заканува да го запре производството во многу фабрики низ континентот. Причината е неодамнешната одлука на Кина да го забрани извозот на чипови произведени од компанијата Nexperia – потег што предизвика сериозни последици во синџирот на снабдување. Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA), во која членуваат гиганти како Volkswagen, Stellantis, Peugeot и BMW, предупреди дека ситуацијата е крајно сериозна и дека фабриките работат со минимални залихи. Според нив, доколку не се најде решение во најбрз можен рок, производствените линии би можеле да застанат за само неколку дена. „Ова е критичен момент за целата индустрија. Ги повикуваме сите страни да ги удвојат дипломатските напори и да најдат решение што ќе го спречи прекинот на производството“, изјави генералниот директор на ACEA, Сигрид де Врис. И од поединечните компании стигнуваат слични сигнали на загриженост. Извршниот директор на Mercedes-Benz, Ола Келениус, потврди дека брендот веќе бара алтернативни добавувачи на чипови на глобално ниво за да ја намали зависноста од кинескиот пазар и да обезбеди континуитет во производството. Проблемот започна кога Пекинг, повикувајќи се на безбедносни причини, го забрани извозот на чипови произведени од Nexperia – компанија со седиште во Холандија, која неодамна беше преземена од холандската влада. Иако најголемиот дел од производството на полупроводници се одвива во Европа, дистрибуцијата е тесно поврзана со Кина, каде што околу 70 проценти од чиповите се пакуваат и подготвуваат за испорака. Овој нов застој го отвора прашањето за стратешката зависност на Европа од азиските пазари и ја нагласува итната потреба од зајакнување на домашното производство на полупроводници – ресурс кој стана клучен за секој модерен автомобил. Post navigation Техно-магнати во подем: Десетте најбогати луѓе во светот за една година станаа побогати за над половина трилион долари! Volkswagen во шок: Германскиот автомобилски гигант доживеа историска загуба од над милијарда евра!