Разузнавачки служби поврзани со Кина користат професионални мрежи за вработување и онлајн платформи, меѓу кои и LinkedIn, за да ги таргетираат западните работници и да ги наведат на откривање чувствителни информации, предупредуваат безбедносните служби на неколку земји. Во заедничко соопштение на ФБИ, британската служба MI5 и владите на Австралија, Канада и Нов Зеланд се наведува дека кинески разузнавачи се претставуваат како регрутери и компании за човечки ресурси. Тие креираат лажни профили и фиктивни фирми кои наводно работат надвор од Кина, со цел да воспостават контакт со лица кои имаат пристап до информации од интерес за Пекинг. Според извештајот, целта на овие активности не е само директна кражба на податоци, туку и долгорочно развивање односи со потенцијални извори. Таргетирани се лица кои работат во области поврзани со безбедноста, војската, политиката, новинарството, академската заедница и истражувачки тинк-тенкови, особено во регионот на Индо-Пацификот. Безбедносните служби предупредуваат дека изборот на цели често се базира на јавно достапни податоци, како што се биографии и професионални профили, при што се проценува колкава е веројатноста лицето да поседува пристап до чувствителни или интерни информации. Дури и податоци кои не се класифицирани може да бидат корисни кога се комбинираат со други информации за да се создаде поширока слика. Во документот се истакнува дека кинеските разузнавачки служби имаат за цел да обезбедат политички, воени и економски информации кои би можеле да ѝ дадат стратешка предност на Кина во однос на земјите од таканаречената „Five Eyes“ разузнавачка алијанса. Иако ваквите кампањи често вклучуваат и сајбер напади и хакерски активности, новиот извештај нагласува дека значаен дел од операциите се базираат на социјален инженеринг и манипулација преку легитимно изгледаат комуникации и професионални мрежи. Од LinkedIn соопштија дека креирањето лажни профили и лажно претставување претставува прекршување на нивните правила и дека компанијата активно работи на откривање и спречување на активности поврзани со државно спонзорирани злоупотреби. Овој извештај доаѓа во период кога западните држави истовремено се обидуваат да ги подобрат дипломатските односи со Пекинг, но и да ги зајакнат мерките против шпионски активности насочени кон добивање чувствителни информации преку дигитални канали. Post navigation Apple: преку App Store во 2025 година се реализирани 1,4 трилиони долари Револуција во инфраструктурата: Meta поставува „шаторски“ дата центри за вештачка интелигенција