Франција ја засилува својата стратегија за привлекување на глобалните технолошки лидери во пресрет на Г7 самитот во 2026 година, при што вештачката интелигенција се очекува да биде една од клучните теми. Во рамките на тие напори, францускиот претседател Емануел Макрон активно работи на продлабочување на соработката со водечките компании од секторот, со цел зајакнување на позицијата на земјата во развојот на AI инфраструктура. Според информации што ги пренесува CNBC, извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, е поканет да учествува на лидерскиот дел од Г7 самитот, кој ќе се одржи од 15 до 17 јуни. Доколку ја прифати поканата, ова би било негово прво учество на ваков настан на највисоко политичко ниво. Од OpenAI наведуваат дека се очекува Алтман да биде дел од дискусиите меѓу светските лидери, што дополнително ја нагласува улогата на вештачката интелигенција во глобалните политики. Г7 самитот ќе ги обедини САД, Обединетото Кралство, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Европската унија, а фокусот ќе биде ставен на регулирање и идниот развој на AI технологиите. Од OpenAI посочуваат дека една од главните теми за компанијата ќе биде безбедноста на младите, како и пошироките ризици поврзани со напредните AI системи, особено во областа на сајбер-безбедноста и биолошките ризици. Паралелно со политичките подготовки за самитот, Франција интензивно работи на привлекување инвестиции во AI секторот. Во последниот период, SoftBank најави инвестиција од околу 45 милијарди евра во развој на AI инфраструктура во земјата, вклучително и изградба на центри за податоци. Според извршниот директор на компанијата, Масајоши Сон, договорот е резултат на директни разговори со Макрон, кои вклучувале и координација околу конкретни проекти. Овие инвестиции се надоврзуваат на пошироката француска стратегија за развој на таканаречената „AI економија“, при што владата се обидува да ја позиционира земјата како еден од водечките центри за вештачка интелигенција во Европа. Во рамките на иницијативата „Choose France“, веќе се најавени повеќемилијардерски вложувања од различни меѓународни компании и фондови, вклучително и за изградба на нов AI кампус во соработка со инвестициони партнери од Обединетите Арапски Емирати и француски државни институции. OpenAI, од своја страна, ја засилува својата глобална стратегија за соработка со држави преку иницијативата „OpenAI for Countries“, која предвидува партнерства за развој на инфраструктура и поширока примена на AI алатки во јавниот сектор. Компанијата нагласува дека целта е поблиска интеграција на вештачката интелигенција во националните дигитални системи, но и развој на безбедносни стандарди за нејзина употреба. Во меѓувреме, технолошките компании и натаму внимателно ја следат политичката динамика околу Г7, при што дел од нив сè уште не потврдиле учество на своите највисоки извршни раководители. Сепак, јасно е дека вештачката интелигенција ќе има централна улога на претстојниот самит, во услови на зголемена глобална конкуренција за нејзин развој и примена. Post navigation Продажбата на Tesla во Кина скокна за речиси 40 проценти во мај, пазарот на електрични возила се стабилизира Лари Елисон се искачи на третото место меѓу најбогатите луѓе во светот по силниот раст на Oracle