Citroën се подготвува да го врати еден од своите најпрепознатливи и најкултни модели, легендарниот 2CV, познат кај нас како „Спачек“, кој по повеќе од три децении повторно ќе се појави на пазарот во целосно електрична верзија. Новиот модел е дел од пошироката стратегија за електрификација на автомобилската индустрија и развој на поевтини електрични возила за градска употреба. Според најавите, новата генерација на „Спачек“ ќе биде произведувана во Европа, а целта на Citroën е да понуди автомобил кој ќе остане достапен за поширок круг купувачи. Проектираната цена би требало да биде под 15.000 евра, што го позиционира моделот меѓу најприфатливите електрични возила на европскиот пазар. Првите информации за проектот беа претставени во рамки на Stellantis Group, каде што Citroën делува заедно со брендови како Fiat и Jeep. На промоцијата, извршниот директор на компанијата, Ксавиер Шардон, порача дека новиот модел претставува враќање на една важна ера во историјата на брендот и симболично продолжување на неговото наследство. И покрај модерниот електричен погон и технолошките подобрувања, дизајнот останува инспириран од оригиналниот 2CV. Автомобилот задржува препознатлива заоблена форма, едноставна каросерија и карактеристични фарови, елементи што со децении беа заштитен знак на моделот. Компанијата нагласува дека и новата верзија ќе ја задржи филозофијата на едноставност, функционалност и пристапност. Новиот електричен „Спачек“ е наменет првенствено за урбано возење и се очекува да се појави на пазарот во следните неколку години. Проектот се вклопува во трендот на автомобилските производители кои бараат начини да понудат поевтини електрични решенија во услови на растечки притисок за декарбонизација и промена на навиките на потрошувачите. Оригиналниот Citroën 2CV првпат беше претставен во 1948 година и брзо стекна статус на народен автомобил во Европа. Неговото производство траеше до 1990 година, а моделот со текот на времето прерасна во една од најпознатите автомобилски икони на 20 век, која и денес има силна база на обожаватели ширум светот. Post navigation DeepSeek трајно ја намалува цената на V4-Pro моделот и ја засилува ценовната војна во AI индустријата Како Палау стана првата земја што целосно ги забрани штетните креми за сончање