Франшизата Star Wars повторно се враќа на големото платно по пауза од седум години, но првичните бројки укажуваат дека новиот филм „The Mandalorian and Grogu“ нема да има спектакуларен старт каков што Disney очекуваше од една од своите најголеми филмски брендови. Филмот, кој е базиран на популарната серија „The Mandalorian“ од платформата Disney+, заработил околу 12 милиони долари од претпремиерните вечерни проекции, што претставува најслаб резултат за Star Wars филм во модерната ера на франшизата. Досегашниот најнизок резултат го држеше „Solo: A Star Wars Story“ од 2018 година. И покрај послабите претпродажби, аналитичарите очекуваат филмот да инкасира меѓу 80 и 95 милиони долари за продолжениот празничен викенд во САД, додека пооптимистичките прогнози одат и над границата од 100 милиони долари. Сепак, и таквите бројки би останале под резултатите што Star Wars филмовите традиционално ги постигнуваа во изминатата деценија. Новиот филм се смета за важен тест за иднината на Star Wars во кината, особено по периодот во кој Disney фокусот го пренасочи кон стриминг содржини. По критиките и поделбите околу „The Rise of Skywalker“ од 2019 година, компанијата практично ја паузираше филмската експанзија на франшизата и започна да гради нова публика преку Disney+. Токму „The Mandalorian“ се покажа како еден од најголемите успеси на платформата и одигра клучна улога во обновувањето на интересот за Star Wars универзумот. Популарноста на серијата доведе до создавање на повеќе нови проекти како „Andor“, „Ahsoka“, „Obi-Wan Kenobi“ и „The Book of Boba Fett“. Режисерот Џон Фавро, кој стои зад успехот на серијата, го режира и новиот филм заедно со креативниот директор на Lucasfilm, Дејв Филони. Буџетот на продукцијата е проценет на околу 165 милиони долари, што е значително помалку од претходните Star Wars филмови, чии буџети често надминуваа 250 милиони долари. Тоа значи дека филмот има пониска граница на профитабилност, но за Disney успехот не се мери само преку кино заработката. Компанијата паралелно лансираше широка палета производи поврзани со филмот, користејќи ја огромната популарност на ликот Грогу, познат меѓу фановите како „Baby Yoda“. Star Wars и понатаму останува еден од најсилните комерцијални брендови во светот на забавата, особено во сегментот на играчки, колекционерски производи и тематски паркови. Disney веќе воведе нови атракции и специјализирани производи во своите забавни паркови, со цел дополнително да го искористи интересот околу враќањето на франшизата во кината. Следниот голем Star Wars проект за кино салите е најавен за 2027 година, кога Disney планира да го претстави филмот „Starfighter“ со Рајан Гослинг во главната улога. Post navigation Илјадници берзански трансакции поврзани со Трамп отворија прашања за автоматизирано тргување Meta подготвува нов удар врз Reddit: Апликацијата „Forum“ ги вознемири инвеститорите