Stylish setup of iPhone 14 Pro showcasing dynamic island feature with accessories.

Apple подготвува еден од најголемите редизајни на iPhone во последните години, а според новите информации од технолошки извори, компанијата тестира прототип со екран кој се протега на сите страни од уредот. Доколку овие шпекулации се покажат точни, идниот iPhone 19 Pro би можел значително да го промени досегашниот изглед на серијата.

Информациите ги објави познатиот технолошки инсајдер Digital Chat Station, кој и претходно имаше точни предвидувања поврзани со дизајнот на идните модели на Apple. Според неговите наводи, новиот уред ќе користи екран со закривување на сите четири страни, додека предната камера ќе биде сместена во мала дупка на дисплејот. Во исто време, системот Face ID наводно ќе биде целосно интегриран под самиот екран.

Овие информации доаѓаат во период кога сè погласни стануваат шпекулациите за специјален јубилеен iPhone модел што Apple би можел да го претстави во 2027 година, по повод 20 години од лансирањето на првиот iPhone. Според дел од извештаите, тој уред би можел да има целосно непрекинат дисплеј без отвори и видливи сензори.

Токму затоа се отвора и прашањето како Apple ќе ги разликува идните премиум модели. Можно е iPhone 19 Pro да задржи минимален отвор за предната камера, додека јубилејната верзија би понудила целосно скриен систем под екранот.

Компанијата веќе подолго време работи на технологија за камера поставена под дисплејот, но според аналитичарите, предизвик останува задржувањето на висок квалитет на фотографиите и сигурноста на биометриското препознавање.

Паралелно со тоа, се појавуваат и шпекулации дека Apple би можел да ја прескокне ознаката iPhone 19 и директно да премине на iPhone 20, слично како што во 2017 година компанијата го замени iPhone 9 со iPhone X по повод десетгодишнината од уредот.

Иако засега нема официјална потврда од Apple, новите информации дополнително ги засилуваат очекувањата дека компанијата подготвува значително визуелно и технолошко освежување на својата најпозната линија паметни телефони.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *