Апсењето на Џонатан Андик, синот на основачот на модниот гигант Mango, повторно ја отвори една од најмистериозните и најчувствителни истраги во Шпанија. Каталонската полиција Мосос д’Есквадра утринава го приведе 44-годишниот Андик и го однесе на распит пред Истражниот суд број 5 во Марторел, каде што се води постапка за смртта на неговиот татко, бизнисменот Isak Andic. Случајот датира од 14 декември 2024 година, кога Исак Андик загина при пад од околу 150 метри за време на пешачење во масивот Монтсерат, во близина на пештерите Салнитре кај Колбато, недалеку од Барселона. Во моментот на трагедијата со него бил само неговиот најстар син Џонатан, а отсуството на сведоци уште од почетокот отвори простор за сомнежи и бројни прашања. Првичните полициски наоди укажувале дека станува збор за несреќен случај. Сепак, со текот на месеците истрагата добила поинаков правец. Истражителите забележале недоследности во изјавите на Џонатан Андик, особено околу местото каде што се наоѓал во моментот на падот, каде го паркирал возилото и што точно се случувало непосредно пред несреќата. Иако полицијата не поседува директни докази за убиство, токму овие разлики во исказите биле доволни за тој од сведок да стане лице под истрага. Според шпанските медиуми, полицијата во изминатите месеци детално ги анализирала мобилните телефони на таткото и синот, вклучително и избришани пораки и листи на повици. Целта била да се реконструира нивното движење на денот на трагедијата, но и да се утврди каков бил нивниот меѓусебен однос во периодот пред смртта на модниот магнат. Дополнителен интерес кај истражителите предизвикале и информациите за долгогодишните тензии во семејството. Односите меѓу Исак Андик и неговиот син наводно биле нарушени уште од 2015 година, кога основачот на Манго му доверил поголема одговорност во компанијата. Подоцна јавно изразил незадоволство од начинот на кој се води брендот, обвинувајќи го раководството дека ја изгубило „душата“ и блискоста со клиентите. Во годините што следеле, компанијата бележела сериозни финансиски загуби, по што Исак Андик повторно ја презел контролата врз бизнисот. Паралелно со кривичната истрага, во семејството се води и спор околу наследството. Според тестаментот составен во 2023 година, богатството на Исак Андик требало рамноправно да биде поделено меѓу неговите три деца – Џонатан, Џудит и Сара. Неговата долгогодишна партнерка Естефанија Кнут добила помал дел, по што побарала дополнителни десетици милиони евра, тврдејќи дека нивната врска фактички претставувала брачна заедница. Иако истрагата трае речиси десет месеци, шпанските власти сè уште немаат конечен одговор на клучното прашање – дали смртта на Исак Андик била трагична несреќа или зад падот стои нешто повеќе. Одбраната на Џонатан Андик тврди дека тој целосно соработува со институциите и нагласува дека засега нема цврсти докази што би потврдиле вмешаност во убиство. Случајот предизвика огромно внимание во Шпанија, не само поради богатството и влијанието на семејството Андик, туку и поради фактот што станува збор за човек кој ја создаде една од најуспешните модни компании во Европа. Додека истражителите продолжуваат да бараат одговори, семејството и раководството на Манго се обидуваат да ја намалат штетата врз угледот на компанијата, која веќе подолг период е во сенка на трагедијата. Post navigation Листата на најмлади милијардери открива доминација на наследеното богатство Шок на криптопазарот: Избришани 580 милиони долари преку ноќ