Авиокомпанијата „Емиратес“ оствари рекордна годишна добивка и покрај сериозните нарушувања во глобалниот авионски сообраќај предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток и растот на цените на горивото. Компанијата со седиште во Дубаи соопшти дека нето-добивката по оданочување за финансиската година што заврши во март достигнала 5,4 милијарди долари, што претставува подобрување во однос на претходната година.

Од компанијата наведуваат дека силната побарувачка за патувања во поголемиот дел од годината помогнала да се ублажат последиците од кризата во регионот. Иако бројот на патници бележи мал пад, повисоките приходи по патник овозможиле дополнителен раст на приходите. Во изминатите 12 месеци „Емиратес“ превезла повеќе од 53 милиони патници.

Воените тензии меѓу Иран, САД и Израел, кои започнаа на крајот на февруари, предизвикаа затворање на дел од воздушниот простор на Блискиот Исток и создадоа значителни проблеми за авиосообраќајот. Паралелно со тоа, цените на авионското гориво нагло пораснаа, што дополнително ги зголеми трошоците на авиокомпаниите ширум светот. Голем број превозници беа принудени да ги намалат летовите и капацитетите, но „Емиратис“ продолжи со ширење на својата флота и со постепено обновување на линиите.

Компанијата истакна дека и понатаму работи во услови на неизвесност, особено по новите безбедносни инциденти во Обединетите Арапски Емирати. Сепак, раководството оценува дека побарувачката за меѓународни патувања останува стабилна, што создава простор за натамошен раст.

Матичната групација „Emirates Group“ исто така објави рекордни приходи од 41 милијарда долари, што е раст од три проценти на годишно ниво. Дел од заработката ќе биде распределен како дивиденда кон државниот инвестициски фонд ICD, кој е сопственик на групацијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *