Обединетите Арапски Емирати започнаа ризични операции за извоз на нафта преку Ормутскиот теснец, и покрај растечките безбедносни закани и конфликтот на Блискиот Исток кој сериозно го наруши глобалниот енергетски пазар. Според извори од индустријата и податоци за поморскиот сообраќај, дел од танкерите пловеле со исклучени системи за локација со цел да избегнат можни напади од Иран. Во април, државната компанија ADNOC успеала да извезе најмалку шест милиони барели сурова нафта од типовите Upper Zakum и Das преку неколку танкери што испловиле од терминали во Персискиот Залив. Дел од товарот бил префрлан од брод на брод надвор од теснецот, а потоа транспортиран кон рафинерии во Југоисточна Азија и Јужна Кореја или складиран во Оман. Овие количини се значително пониски од вообичаениот извоз на Емиратите пред избувнувањето на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран, но аналитичарите оценуваат дека операциите покажуваат колку производителите и купувачите се подготвени да ризикуваат за да обезбедат непречено снабдување со нафта. Во меѓувреме, другите големи производители од регионот, како Ирак, Кувајт и Катар, значително ги намалија или запреа испораките, додека Саудиска Арабија дел од извозот го пренасочува преку Црвеното Море. Тензиите дополнително се зголемија откако Техеран практично го ограничил поминувањето на танкери низ Ормутскиот теснец по нападите врз Иран. Поради тоа, значителен дел од светските резерви на нафта и гас останаа блокирани во регионот, што придонесе цената на нафтата на светските пазари да надмине 100 долари за барел. Податоците покажуваат дека ADNOC од почетокот на конфликтот го намалил извозот за повеќе од еден милион барели дневно. За да продолжи со продажбата, компанијата користи тактика што често ја применува и Иран — пловење со исклучени автоматски системи за идентификација, што го отежнува следењето на движењето на танкерите. Еден од танкерите со два милиони барели нафта по излегувањето од Ормутскиот теснец го префрлил товарот на друг брод, кој подоцна испорачал нафта во малезиска рафинерија. Според извори запознаени со договорите, дел од товарите биле продадени по рекордни премии поради недостигот на понуда на азиските пазари. ADNOC, според извори од индустријата, планира да продолжи со ваквиот модел на испораки и веќе разговара со азиски рафинерии за нови испораки во текот на мај. Компанијата разгледува дополнителни трансферни операции надвор од Заливот, вклучително и во пристаништата Фуџеира и Сохар, со цел да го намали ризикот за танкерите што пловат низ Ормутскиот теснец. Post navigation Porsche го намалува извршниот одбор во нова стратегиска реорганизација Недостигот од AI чипови ги турка азиските технолошки компании кон нови височини