Кинескиот автомобилски производител Geely презеде дел од фабриката на Ford Motor Companyво Шпанија и планира таму да произведува еден од своите модели, објавија шпански медиуми повикувајќи се на извори од автомобилската индустрија. Според информациите, станува збор за дел од производствениот комплекс во Алмусафес, во близина на Валенсија, каде Geely ќе ја преземе една од монтажните линии. Наводно се разгледува и можноста кинеската компанија да произведува модел и за Ford, што би претставувало продлабочување на соработката меѓу двата производители. Geely, кој важи за втор најголем автомобилски производител во Кина по BYD, веќе подолг период води разговори со Ford за заеднички технологии и потенцијални партнерства во автомобилскиот сектор. Иако двете компании засега не ги потврдуваат деталите, информациите се совпаѓаат со поширокиот тренд на кинеските производители да го зголемуваат своето присуство во Европа. Причината за ваквите потези е сè поизразениот притисок од европските царини и регулативи за увоз на автомобили произведени надвор од Европската унија. Со отворање или преземање производствени капацитети во Европа, кинеските компании се обидуваат полесно да пристапат до европскиот пазар и да ги намалат трошоците поврзани со трговските ограничувања. Во меѓувреме, и други кинески производители покажуваат интерес за Шпанија. Според локални извештаи,SAIC Motor разгледува можност за отворање производствена локација во северозападниот дел на земјата, во пристанишниот град Ферол. Наводно, разговорите се дел од поширока стратегија за воспоставување европско производство. Шпанските региони сè поактивно се обидуваат да привлечат инвестиции од кинеската автомобилска индустрија, гледајќи во тоа можност за отворање нови работни места и зајакнување на локалното производство во време на големи промени во глобалниот автомобилски сектор. Post navigation Тесниот пазарен раст на Волстрит повторно ги буди сеќавањата на дот-ком ерата Десет години подоцна: Брегзит сè поскапо ја чини британската економија