Компанијата PayPal најавува нова стратегиска насока со која планира повторно да се позиционира како технолошка компанија, при што клучната улога во трансформацијата ќе ја има вештачката интелигенција. Оваа најава доаѓа во период кога фирмата се соочува со пад на вредноста на акциите и најави за значително намалување на работната сила. Извршниот директор Enrique Lores во обраќањето пред инвеститорите истакна дека компанијата мора повторно да се фокусира на основите и да го забрза технолошкиот развој. Тој нагласи дека планот вклучува модернизација на платформата, премин кон cloud инфраструктура и агресивно воведување на вештачка интелигенција во процесите на развој на софтвер, со цел зголемување на продуктивноста и побрзо пласирање на нови производи. Ова признание дека компанијата досега не ја искористила целосно вештачката интелигенција доаѓа во време кога бројни технолошки компании веќе ја интегрираат во секојдневното работење, особено во програмирањето. Spotify, на пример, неодамна објави дека дел од нејзините водечки инженери веќе не пишуваат код на традиционален начин, туку користат алатки базирани на вештачка интелигенција. Во рамки на новата стратегија, PayPal формира посебен тим задолжен за трансформација преку вештачка интелигенција и поедноставување на процесите. Истовремено, компанијата најави и организациско преструктурирање, со цел да ги намали трошоците и да ја зголеми ефикасноста. Според најавите, овие мерки би можеле да донесат заштеди од околу 1,5 милијарди долари во следните неколку години. Преструктурирањето ќе опфати и поделба на бизнисот во три главни сегменти: решенија за плаќање и основниот PayPal сервис, потрошувачки финансиски услуги, каде спаѓа и Venmo, како и услуги поврзани со плаќања и криптовалути. Во исто време, се очекува и значително намалување на бројот на вработени, при што според проценките, би можеле да бидат укинати илјадници работни места. Покрај развојот на софтвер, компанијата планира да ја прошири употребата на вештачка интелигенција и во други области како што се корисничка поддршка, управување со ризик и оперативни процеси. Раководството смета дека вистинската вредност на оваа технологија не е само во нејзината примена, туку во редизајнот на клучните деловни процеси. Овој потег повторно ја отвора дебатата за влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на труд, бидејќи заштедите што се очекуваат делумно ќе произлезат од автоматизација и намалување на човечкиот фактор. Инаку, компанијата и покрај солидните приходи во првиот квартал, се соочува со предизвици во растот и послаби прогнози за наредниот период, што дополнително ја зголемува потребата од промени. Во тој контекст, раководството не ја исклучува можноста за идни стратешки потези, вклучително и потенцијални продажби на делови од бизнисот, доколку тоа придонесе за зголемување на вредноста за акционерите. Post navigation За три години до 1,2 милијарди долари: приказната за „Grüns“ Rivian тивко подготвува нови R2 модели во трка за масовниот пазар