Јавниот долг на Македонија со децении постепено се зголемува, но динамиката не била иста во сите периоди. Анализата на Институтот за економски анализи и политики Finance Think покажува колку се менувала задолженоста во различни влади и во чии мандати бил регистриран најголемиот раст на долгот. Македонија како независна држава го започна својот пат со значителни финансиски обврски. Во моментот на осамостојувањето, земјата имала околу 850 милиони долари директни и поврзани надворешни обврски, а презела и дел од неподелениот долг на поранешна СФРЈ. Подоцна, според проценките на Меѓународниот монетарен фонд, среднорочниот и долгорочниот надворешен долг на крајот на 1994 година изнесувал околу 936 милиони долари. Податоците опфатени во анализата на Finance Think почнуваат од 1999 година, кога долгот на државата изнесувал нешто повеќе од 1,2 милијарди евра. Во тој период премиер беше Љупчо Георгиевски, чија влада беше на власт до 2002 година. За време на неговиот мандат, долгот се зголемил за повеќе од 560 милиони евра. Овој период е обележан и со вооружениот конфликт во 2001 година, кој имал сериозни последици врз јавните финансии. Според тогашните податоци на ММФ, реалниот бруто-домашен производ се намалил за 4,5 проценти, додека дополнителните безбедносни расходи достигнале околу 6,7 проценти од БДП. Зголемените трошоци дополнително го оптовариле буџетот и придонеле за раст на задолженоста. Следниот период носи поинаква слика. За време на владата на Бранко Црвенковски, долгот се намалил за околу 107 милиони евра, а неговото учество во БДП било намалено за 5,5 процентни поени. Во мандатот на Владо Бучковски задолженоста повторно пораснала, но релативно умерено. Вкупниот долг се зголемил за околу 96 милиони евра, додека неговиот удел во БДП дополнително се намалил за 4,4 процентни поени. Во овој период Македонија направи и важен чекор на меѓународните финансиски пазари. Во декември 2005 година беше издадена првата еврообврзница во вредност од 150 милиони евра. Средствата, сепак, не беа наменети за ново задолжување за тековни потреби, туку за отплата и рефинансирање на постојните обврски кон Лондонскиот клуб на кредитори. Според тогашниот извештај на Европската банка за обнова и развој, со овие средства бил отплатен долг од приближно 221 милион долари. Најголемиот апсолутен раст на задолженоста во анализираниот период е регистриран за време на долгогодишното владеење на Никола Груевски. Тој беше премиер од 2006 до 2017 година, а во тој период, според пресметките на Finance Think, бил акумулиран околу 2,2 милијарди евра нов државен долг. Кога на тоа ќе се додаде и гарантираниот долг од околу 681 милион евра, вкупниот пораст на обврските достигнува приближно 2,9 милијарди евра. Токму поради овој износ, периодот на Груевски се издвојува како оној со најголем раст на задолженоста во апсолутен износ во рамките на анализата. Во годините што следуваа, задолжувањето продолжи со значително темпо. За време на владата на Зоран Заев, според Finance Think, државниот долг се зголемил за речиси 2,2 милијарди евра, додека гарантираниот долг пораснал за дополнителни 185 милиони евра. Вкупниот пораст изнесувал околу 2,4 милијарди евра. Во истиот период, учеството на долгот во БДП се зголемило за 13 процентни поени. Дел од оваа динамика е поврзана со исклучително тешките економски услови предизвикани од пандемијата на коронавирусот, која предизвика голем фискален удар и ги зголеми потребите за државно финансирање. За време на мандатот на Димитар Ковачевски, задолженоста продолжила да расте. Finance Think пресметува дека долгот во овој период се зголемил за околу 1,7 милијарда евра. Од тој износ, приближно 1,5 милијарди евра се однесуваат на државниот долг, а околу 159 милиони евра на гарантираниот долг. Анализата го опфаќа и периодот на актуелниот премиер Христијан Мицкоски. Заклучно со вториот квартал од годинава, односно до крајот на јуни, дополнителниот државен долг изнесувал речиси 1,8 милијарда евра. Гарантираниот долг во истиот период се зголемил за околу 75 милиони евра, што дава вкупен пораст од приближно 1,9 милијарди евра. Според најновите податоци наведени во анализата, на крајот на јуни годинава вкупниот долг на државата и јавниот сектор достигнал 10,726 милијарди евра. Тоа претставува 58,8 проценти од бруто-домашниот производ. Бројките покажуваат дека задолжувањето било присутно во речиси сите периоди, но со значително различен интензитет. Во апсолутен износ, најголем раст на државниот и гарантираниот долг е регистриран за време на владеењето на Никола Груевски, со приближно 2,9 милијарди евра. Високи износи се забележуваат и во периодите на Зоран Заев и на актуелната влада, но при нивното споредување мора да се земат предвид различното времетраење на мандатите, економските услови, пандемијата, движењето на БДП и начинот на кој се финансирале државните потреби. Затоа, самата висина на дополнително создадениот долг не ја дава целосната слика за одржливоста на јавните финансии. Покрај апсолутниот износ, значајно е и колкав бил долгот во однос на големината на економијата, за што показател е односот долг кон БДП. Сепак, доколку критериумот е исклучиво износот на новоакумулираниот државен и гарантиран долг во периодите опфатени со анализата на Finance Think, мандатот на Никола Груевски се издвојува со најголем пораст, со околу 2,9 милијарди евра. Post navigation Данготе го засилува извозот: Нигериската рафинерија работи со полн капацитет и го освојува европскиот пазар По килограмите, на ред е косата: Индустријата најде нов златен рудник во стравот од ќелавост