April 19, 2026

24 ПОГЛЕД

Информации што значат

Формула 1 под притисок поради новите спонзорства со тутунските компании

Повеќе од 160 здравствени и антипушачки организации од целиот свет ја повикаа Формула 1 да ги прекине новите партнерства со тутунски компании, предупредувајќи дека враќањето на нивните брендови во спортот може да влијае врз младата публика. Во писмо упатено до извршниот директор Стефано Доменикали, организациите изразуваат загриженост што болидите повторно ќе носат логоа на производи со никотин, овојпат во форма на никотински кесички.

Иако Формула 1 пред две децении ги прекина спонзорствата со производители на цигари, компаниите Philip Morris International и British American Tobacco кон крајот на минатата година објавија дека ќе бидат спонзори на тимовите Ferrari и McLaren. Наместо традиционални цигари, станува збор за никотински производи без чад, како Zyn и Velo, кои во последните години бележат раст на популарноста, вклучително и меѓу тинејџерите.

Здравствените организации предупредуваат дека иако овие производи често се перципираат како помалку штетни од цигарите, никотинот може негативно да влијае врз развојот на мозокот кај адолесцентите и да го зголеми ризикот од зависност. Тие нагласуваат дека маркетингот преку глобално популарен спорт како Формула 1 им овозможува на компаниите да допрат до милиони млади фанови ширум светот.

Од Формула 1 соопштија дека ги почитуваат сите важечки закони во земјите каде што се одржуваат трките. Од Philip Morris истакнаа дека возрасните корисници на никотин имаат различни интереси и дека компанијата ќе ги промовира своите производи таму каде што тие се присутни, вклучително и на спортски настани. Другите засегнати компании не дадоа непосреден коментар.

Организациите дополнително укажуваат дека Формула 1 во последните години активно работи на привлекување помлада публика преку партнерства со компании како Disney, Lego и Mattel, што според нив го зголемува ризикот младите да бидат изложени на брендирање поврзано со никотин.

Во САД, Управата за храна и лекови одобри продажба на одредени брендови никотински кесички, но истовремено нагласува дека тоа не значи дека производите се безбедни. Според Националното истражување за употреба на тутун кај младите, 1,8 проценти од децата и адолесцентите во 2024 година користеле никотински кесички, што ги прави втор најчесто користен тутунски производ меѓу младите по електронските цигари. Здравствените експерти предупредуваат дека секој тутунски производ носи ризик и дека оние кои не користат вакви производи не треба да започнат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Copyright © All rights reserved. | Newsphere by AF themes.