Крај на PC експериментот: Sony повторно се потпира на моќта на конзолните ексклузиви
Sony Group Corp. подготвува значајна промена во својата стратегија и повеќе не планира редовно да ги објавува најголемите игри за PlayStation 5 на персонални компјутери, со што се враќа на моделот на конзолна ексклузивност. Според извори запознаени со плановите на компанијата, онлајн насловите ќе продолжат да излегуваат на повеќе платформи, но клучните сингл-плеер проекти ќе останат достапни исклучиво за сопствениците на PS5.
Игрите како Ghost of Yotei и претстојниот акциски наслов Saros, наводно, нема да добијат PC верзии, иако во изминатите години Sony активно ги носеше своите најголеми франшизи и на Steam. Сепак, одредени проекти развиени од надворешни студија, но издадени од PlayStation, како Death Stranding 2 и Kena: Scars of Kosmora, засега остануваат со план за објава на компјутери. Од PlayStation одбија официјален коментар.
Причините за ваквиот пресврт се повеќеслојни. Дел од поновите PlayStation изданија не ги исполнија очекувањата во продажба на PC, а во рамки на компанијата постои загриженост дека ширењето на игрите надвор од конзолниот екосистем може да го ослаби брендот и да влијае негативно врз продажбата на актуелната конзола и нејзините наследници. Традиционално, Sony ја градеше вредноста на PlayStation преку ексклузивни франшизи кои беа достапни само на нејзиниот хардвер.
Во 2020 година компанијата започна поинаков пристап, постепено носејќи ги своите најголеми хитови на PC, меѓу кои God of War и The Last of Us. Но објавите често доаѓаа со значително задоцнување и без јасен распоред, што создаде конфузија кај дел од играчите. Дополнително незадоволство предизвика и барањето корисниците на компјутер да отвораат PlayStation Network профили за пристап до одредени игри.
Со новиот пристап, Sony настојува да воспостави појасна и поконзистентна стратегија, враќајќи се на моделот во кој најголемите наслови се силен аргумент за купување на самата конзола. Во исто време, конкуренцијата следи различни патеки. Nintendo најчесто ги задржува своите игри исклучиво за сопствениот хардвер, додека Microsoft се позиционира како мултиплатформски издавач, објавувајќи ги своите игри и на PC и на други конзоли.
Дополнителен фактор може да биде и идната генерација на Xbox, за која се шпекулира дека ќе биде поблиску до PC екосистемот и ќе поддржува Windows, што потенцијално би овозможило играње компјутерски верзии на игри на конзола. Во такво сценарио, Sony би можел да гледа ризик неговите највредни франшизи да станат достапни и на конкурентски уред, што дополнително ја зацврстува одлуката за враќање кон ексклузивноста.