Онлајн купувањето во Македонија достигна рекорд: речиси милијарда евра потрошени во 2025 година
Онлајн купувањето во Северна Македонија достигна нов врв во 2025 година, со вкупна потрошувачка од речиси една милијарда евра, што претставува раст од 32 проценти во однос на претходната година. Сепак, анализа на Асоцијацијата за е-трговија покажува дека значителен дел од средствата се префрлаат кон странски е-трговци, што отвора важни прашања за домашната економија.
Од вкупно 950 милиони евра онлајн трансакции, домашните е-трговци инкасирале 522 милиони евра, од кои 470 милиони од македонски купувачи и 52 милиони од странски картички. Во меѓувреме, македонските граѓани потрошиле околу 428 милиони евра кај странски платформи, што е зголемување од 45 проценти во однос на претходната година.
Растот се забележува и во бројот на трансакции, кој достигна речиси 29 милиони, со најдинамичен пораст во сегментот на купувања од странство, каде бројот на трансакции се зголемил за 61 процент. Домашните е-трговци забележале поумерен раст, со околу 15 милиони трансакции и зголемување од 14 проценти, додека странските купувачи сè повеќе се интересираат за македонските онлајн продавници, со раст од 39 проценти и околу 2 милиони трансакции.
Просечната вредност на една онлајн трансакција останува стабилна и изнесува околу 33 евра, при што кај купувањата од странство се забележува намалување на просечниот износ, додека кај домашните трансакции се бележи благ раст.
Паралелно со растот на потрошувачката, се зголемува и бројот на е-продавници, кои во 2025 година достигнаа 1.829, од кои 1.396 се активни. Овој раст укажува на проширување на понудата и поголема достапност на производи и услуги за потрошувачите.
Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска Станков, истакнува дека податоците ја потврдуваат созреаноста на пазарот и зголемената доверба во онлајн купувањето, но предупредува дека растечкиот удел на странските платформи значи одлив на средства од домашната економија. Во 2025 година уделот на домашните е-трговци во вредноста на трансакциите се намалил на 55 проценти, додека кај бројот на трансакции паднал на 57 проценти.
Секторот сепак продолжува да се развива, со нови иницијативи за подобрување на дигиталните вештини, зголемување на довербата кај потрошувачите и намалување на сивата економија. Во подготовка е и регионална анализа за е-трговијата во Западен Балкан, која ќе обезбеди поширока слика за трендовите во регионот и конкурентноста на македонските онлајн продавници.