April 9, 2026

24 ПОГЛЕД

Информации што значат

„Рогоз: Тајните на службите“ – роман што ја освојува публиката

Павел, македонски автор со свеж и автентичен пристап, го привлекува вниманието со својот нов роман „Рогоз: Тајните на службите“. Ова дело спојува историја, мистерија и напнатост, внесувајќи нов квалитет во современата македонска литература. Разговараме со него за инспирацијата зад романот, предизвиците при неговото создавање и идните книжевни планови.

Павел, на самата промоција на „Рогоз: Тајните на службите“, беше нагласено дека твојот талент како писател е неоспорен. Што значи за тебе ова признание, и како се чувствуваш кога ја гледаш својата работа препознаена од публиката?

Признанието ми значи многу, бидејќи тоа е доказ дека трудот и љубовта кон пишувањето не остануваат незабележани. Кога ја гледам публиката како позитивно реагира на мојата работа, чувствувам огромна благодарност и мотивација за понатамошно создавање. Признанието од страна на промоторот и поддршката од присутните ме исполнуваат со гордост и чувство дека сум на вистинскиот пат.

Како започна твоето пишување? Што те мотивираше да станеш автор и какви предизвици имаше на почетокот?

Пишувањето започна како потреба за изразување и истражување на идеи што ме фасцинираат. Преку пишувањето давате мислење давате критика. Предизвикот како млад автор е да станете познат, луѓето да ве препознаваат да сакаат да ги читат вашите дела, бидејќи конкуренцијата е огромна. Сега зад мене не стои издавачка куќа и со самото тоа дистрибуцијата е помала, но сепак
задоволен сум од досегашниот процес.


Твојата прва книга „Поминав но не застанав“ беше многу добро прифатена. Што се смени во твоето пишување од тогаш, и какви нови елементи внесе во „Рогоз: Тајните на службите“?

Од првиот роман досега, мојот стил се разви, а со тоа и мојата способност да создадам покомплексни ликови и заплети. „Рогоз“ внесува повеќе напнатост, историски елементи и истражува теми како тајните служби и нивното влијание, што е нешто ново за мене. Внесувам детали, мистерија, имагинација си играм со ликовите и настаните но не го менувам нивнот тек доколку станува збор за случки од реалноста

Во промоцијата на „Рогоз“, споменавте дека овој роман е многу понапнат и сложенод твоето прво дело. Како се развиваше самата идеја за овој нов роман и што те инспирираше за темата на тајните служби?

Идејата за „Рогоз“ произлезе од мојот интерес за историјата и влијанието на тајните служби во бивша Југославија. Ме инспирираа книги, филмови и приказни за тоа време, комбинирани со мојата фантазија. Сакав да создадам дело што ќе биде напнато и возбудливо, а во исто време ќе поттикне размислување. Во овој роман има многу повеќе акција за разлика од првиот а со тоа и напнатоста е голема

Во книгата „Рогоз“, се спојуваат различни жанрови – криминален трилер, мистерија, психологија. Како се чувствуваш како писател кога ги комбинираш овие жанрови и што тие ти овозможуваат како автор?

Комбинирањето на жанрови ми дава слобода да истражувам повеќе аспекти на една приказна. Тоа ми овозможува да создавам дела кои се полни со изненадувања, длабочина и разновидност. Сакам читателите да доживеат различни емоции и да бидат ангажирани од почеток до крај. Самиот роман како најголема прозна творба го дозволува тоа.

Промоцијата беше одлично организирана, а Трајче Кацаров го истакна твојот талент како писател. Какво значење има поддршката од колеги и како тоа влијае на твоето патување како автор?

Голема благодарност до Трајче Кацаров, признанијата од искусни луѓе како него, се огромна мотивација. Тие ми даваат поттик да продолжам со работа и уверување дека тоа што го создавам има вредност и потенцијал.

Какви се твоите планови за идните книги? Дали има некои нови теми кои те возбудуваат и кои би сакал да ги истражуваш во следните дела?

Се мислам за да го продолжам Рогоз и да развијам одредена трилогија, каде ќе изградам од Рогоз еден култен лик.

Какви се твоите амбиции како писател на македонската книжевна сцена? Што посакуваш да постигнеш со своето пишување и каков е твојот поглед на иднината на македонската литература?

Мојата амбиција е да создадам дела што ќе бидат читани и паметени. Сакам да бидам дел од развојот на македонската литература и да придонесам за нејзината препознатливост и надвор од нашите граници. Верувам дека македонската литература има светла иднина со новата генерација автори.

Што мислиш дека е најважното за еден млад автор во Македонија да го постигне
успехот? Која е најголемата лекција што ја научи досега во твоето пишување и
патување како писател?

Најважно е да има љубов кон пишувањето, но и трпеливост и истрајност. Најголемата лекција што ја научив е дека секоја приказна има своја публика, и важно е да веруваш во својата работа, дури и кога е тешко.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Copyright © All rights reserved. | Newsphere by AF themes.