Логопедијата – Клучот за развојот на говорот и јазикот кај децата
На 6 март, Европа го одбележува Европскиот ден на логопедијата, посветен на подигнување на свесноста за значењето на говорно-јазичната терапија и улогата на логопедите во развојот на комуникациските вештини кај децата и возрасните. Говорот не е само средство за комуникација – тој е темел на когнитивниот, социјалниот и емоционалниот развој.
Во овој разговор, Тамара од логопедскиот кабинет „Чекор по чекор“ во Кочани ни открива кои се најчестите говорни и јазични потешкотии кај децата, зошто раната детекција е клучна и како родителите можат да помогнат во правилниот говорен развој на своите деца.
Што претставува логопедијата и која е нејзината улога во развојот на децата и возрасните?
Логопедијата како гранка од медицината се занимава со детекција и рехабилитација на говорно-јазичните нарушувања и како наука имаа значајна улога во развојот на децата. Логопедот како стручно лице работи во делот на превенција, проценка, дијагностицирање и третман во областа на говорно-јазичната патологија преку раната стимулација, навремената детекција и навременото вклучување во рехабилитацискиот третман, кои се клучни за постигнување на позитивни резултати.
Кои се најчестите говорни и јазични нарушувања со кои се соочуваат децата во Македонија?
Најчести говорни нарушувања со кои се среќаваме се артикулативните нарушувања, односно погрешното изговарање на одреден глас или цела група гласови. Исто така се почести се и развојните јазични нарушувања, односно способноста да се разбере, структуира и изрази јазичната мисла. Кај ова нарушување децата имаат значително јазично задоцнување во однос на нивната календарска возраст и интелектуален капацитет.
Колку е важна раната детекција на говорните нарушувања и на која возраст родителите треба да побараат логопедска помош?
Раната детекција на говорните нарушувања е клучна за успешноста на логопедскиот третман. Доколу порано се приметат отстапките во говорно-јазичниот развој и доколку навремено се вклучи детенцето во рехабилитациски третман толку е поголема веројатноста да се надминат потешкотиите и подоцна да нема потешкотии во стекнувањето на вештините за читање и пишување.
Не постои соодветна возраст кога треба да се побара помош, тоа треба да се направи штом родителите забележат некоја отстапка во развојот на своето дете.

Какви се последиците ако говорните проблеми не се третираат навреме?
Доколку говорните нарушувања не се третираат навреме можно е подоцна да се појават потешкотии во усвојување на читањето и пишувањето. Исто така говорно-јазичните нарушувања може да доведат и до психолошки, социјални и едукативни потешкотии, па затоа се настојува говорот и изговорот да биде правилен пред тргнување на детенцето во училиште.
Дали има доволно свест кај родителите за важноста на логопедската поддршка?
Во последно време се поголема е свесноста кај родителите и се почесто се јавуваат и бараат совети и поддршка од логопед.
Како изгледа еден типичен логопедски третман и колку време обично трае?
Прв чекор, односно пред да се започне со третман потребно е да се направи проценка на говорно-јазичниот развој на детенцето и да се дадат соодветни насоки и совети на родителите до кои треба да се придржуваат. Во зависност од говорно-јазичниот статус се одредува колку често детенцето ќе посетува логопед, најчесто третманите се спроведуваат два пати или три пати неделно во времетраење од 45 минути. Третманите во нашиот кабинет се спроведуваат индивидуално, во зависност од потребите на детенцето. Не може со точност да се каже колку време детенцето ќе треба да посетува логопед, бидејќи на тоа влијаат повеќе фактори.
Дали технологијата и дигиталните алатки им помагаат на логопедите во работата со децата?
Да секако, дигиталните уреди се од голема помош во логопедскиот третман. Најчесто во нашиот кабинет се комбинира класичниот логопедски третман со дигитален уред, се разбира се во зависност од потребите на детенцето.

Што е најголемиот предизвик во работата на еден логопед?
Најголемиот предизвик во работата претставува мотивацијата на детенцето, односно да се мотивира детето од страна на терапевтот да соработува и го одржи вниманието во текот на целиот третман, бидејќи се почесто се соочуваме со деца кои имаат комбинирани пречки и многу е тешко да останат фокусирани во текот на целиот тој временски период.
Дали државата доволно вложува во логопедските услуги и што би можело да се подобри?
Се поголем е бројот на деца кои имаат одредени говорно-јазични нарушувања, па затоа и потребата од логопеди во здравствените и згрижувачките установи е се поголема.
Особено голем предизвик за родителите претставува и тоа што целиот трошок за сите третмани е на нивен сопствен товар, поради не доволниот број на логопеди во здравствените, предучилишните и училишните установи , па родителите се приморани да бараат приватни центри.
Кои се трите најважни совети што би им ги дале на родителите за подобрување на говорниот развој кај нивните деца?
Најпрвин на родителите би им препорачала колку што е можно поголем дел од нивното слободно време квалитетно да го искористат со нивните деца, да се искористи секоја ситуација во текот на денот и што почесто да излегуваат надвор и да им дозволат на децата да играат разни игри во природа кои ќе им овозможат да го осознаат светот околу себе, да се стекнат со нови искуства и да ги развијат соодветните моторни вештини. Децата не треба да се ограничуваат во игрите бидејќи децата треба да добиваат проприоцептивни, вестибуларни, тактилни, аудитивни и визуелни стимулации, односно треба да им се овозможи на децата да го добијат правилниот сензомоторен развој кој е предуслов за правилен говорен и когнитивен развој.
Денес на интернет се достапни најразлични страници од каде што родителите може да црпат инспирација и со најобични работи што секој ги има во својот дом, да направат едукативна игра која на детето ќе му биде интересна, а истовремено тоа ќе развива манипулативна спретност, билатерална координација, визуо-моторна координација, фина моторика, моторно планирање кои се во директна корелација со развојот на говорот.
Морам да напоменам дека говорот не е наследен, туку се учи по пат на имитација, па поради тоа на родителите би им препорачала да бидат позитивни говорни модели на своите деца, односно кога се обраќаат на своите деца, уште од најмала возраст да користат јасно формулирани реченици и нивниот говор да биде јасен, правилен и директно насочен кон детето.
Како можат родителите да препознаат дали нивното дете има потреба од логопед и каде може да побараат помош?
Доколку родителот забележи дека детенцето не воспоставува контакт со очи, нема показен гест, има отсуство на првите зборови, односно во периодот од 10(десеттиот) до 15(петнаесетиот) месец се јавува првиот збор со значење и тогаш започнува периодот на зборување и активно користење на говорот и јазикот или пак забележи дека говорот е неразбирлив и не соодветствува со календарската возраст на детенцето, сето тоа треба да биде поттик за родителот да побара стручна помош.
Во нашиот кабинет се достапни следните услуги: стимулација на говорно-јазичен развој, усвојување на правилен изговор на гласовите, совладување на граматички потешкотии, третман на дисфлуентност на говорот (пелтечење), третман на нарушувања од типот на первазивните нарушувања.
24 Поглед: Ви благодариме за вашето време и корисните информации!
Тамара: Ви благодарам и јас. Се надевам дека со ова интервју ќе ја доближиме логопедијата до младите родители!